На сцената во Македонскиот народен театар на 17 ноември со почеток во 20:00 часот ќе се одигра 50. јубилејна изведба на претставата „Кец на десетка“, комедијата која со спонтан хумор брзо ја освојува публиката.
– „Кец на десетка“ од авторот Митко Бојаџиски, а во режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, сите овие изминати години, па до денес се игра пред полн салон, и ја воведува публиката во хумористичното дејство кое се одвива во едно сосема нормално семејство, при што ситуациите и околностите ги наведуваат ликовите во поинаква насока, велат од Македонски народен театар.
Харизматичните ликови на таткото Доксе — Александар Микиќ, мајката Грациела — Тања Кочовска, ќерката Ана — Нина Деан/Софиа Насевска -Трифуновска и Тоше — Ивица Димитријевиќ/Стефан Спасов, оставаат хумористичен печат и спонтано допираат до срцата на театарската публика.
Претставата во изминатите години имаше повеќе гостувања и учества на домашни фестивали, а премиерно беше одиграна токму пред четири години на 17 ноември 2017 година.