Руската Федерална служба за миграции го добила барањето на поранешниот соработник на ЦИА Едвард Сноуден за привремен азил, потврди шефот на службата Константин Рамадановски.
– Да, барањето пристигна. Тоа ќе биде разгледано во законски предвидениот рок, поточно во рок од три месеци, рече Рамадановски.
Тој прецизираше дека тоа не значи оти цели три месеци ќе биде разгледувано барањето на Сноуден, туку оти тоа е максималниот рок за такво нешто. Извори во службата претходно изјавија дека на Сноуден, додека му биде разгледувано барањето, ќе му биде издаден документ, врз основа на кој ќе може да престојува во Русија.
Засега нема официјална потврда за тоа. Како што се наведува на Интернет страницата на службата, привремен азил подразбира „своевиден хуманитарен статус“ или одложена депортација.
– Во случај на позитивен одговор на барањето се издава потврда за доделување привремен азил на територијата на Руската Федерација. Во случај на негативен одговор, можно е поднесување жалба. Времениот азил се одобрува на една година и може секоја година да се продолжува за 12 месеци, се наведува на Интернет страницата.