Aндреј Жерновски во интервју за „Вест“ посочува дека и по два месеца од локалните избори, никако власта да го прифати фактот дека доживеале пораз и дека мораат да ја почитуваат волјата на граѓаните.
„За да биде иронијата поголема, по сето насилие, Груевски сега го осудува демолирањето на бараките во општината. Па зарем некој верува дека тој не знаел за активноста на своите партиски членови, и тоа они кои се вработени во државните институции?
– Но, мене тоа нема да ме поколеба да продложам со реализација на ветувањата од предизборната програма“, вели Жерновски потсетувајќи на се што е направено за овој период: гасификација во Центар, избрани се 15 згради кои наскоро ќе добијат обновени фасади, прва општинска читална со 4.000 книги, нов парк, продолжува отчетноста и транспарентноста, а изградба на нова градинка и училиште во Капиштец е еден од приоритетите за наредниот период.
Комисијата за ревизија на „Скопје 2014“, вели градоначалникот на Центар, работи интензивно, резултати и сознанија има, но поради карактерот на работата, не сака да избрзува со заклучоци. Посочува дека ревизија не се врши за 4 дена, како што изјави премиерот. За 4 дена може да се донесе само политички памфлет.
Се работи, вели, за анализа на многу документи, a меѓу двата изборни круга имало информации дека голем број од нив се изнесувани од општината. Секој што ова го сторил или помогнал, ќе треба да одговара. По се’ изгледа, изјави Жерновски, ќе бидат точни предвидувањата дека недостасуваат документи поврзани со овој проект.
Жерновски вели дека сигурно премиерот Груевски нема слушнато досега за секојдневните инспекции во општината, како и за тоа дека, во текот на протестите, неговата сопруга и брат биле разрешени од своите работни позиции, спротивно на сите законски прописи. Но, во тоа јавно претпријатие, нема инспекции и казни.
Општинатата досега ја имаат посетено 23 инспекции, и тоа е осум пати повеќе колку што влегле за време на целиот мандат на Тодоровиќ. Инспекторите вели, се добредојдени, но не смее да има селективност. Од она што го кажуваат самите инспектори, само општина Центар е „почестена“ со инспекции. Тие велат дека немаат налози да постапуваат и контролираат така и во другите општини.
Објаснува дека за да ја реализира програмата сака да соработува со луѓе во кои имам целосна доверба и кои ги исполнуваат стандардите и критериумите за квалитет и знаење.Прашува зарем треба да работи исклучиво со кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, кои само во мандатот на Тодоровиќ пораснале од 65 на 135?