Истанбул синоќа стана арена на нови судири меѓу демонстрантите и полицијата. Силите на редот употребија водени топови и солзавец за да ги растераат демонстрантите, кои се обидоа да дојдат до паркот Гези и до плоштадот Таксим.
Демонстрантите влегоа во судир и со сопственици на продавници, незадоволни дека повеќенеделните протести им наштетиле на нивниот бизнис.
Конкретен повод за синоќешните протести беа измените на законот, усвоени во средата во Парламентот, според кои беше одземено правото на Сојузот на коморите на турските инженери и архитекти да одобруваат градежни проекти. Според критичарите, мерката е обид да биде „казнето“ здружението, чии членови се спротивставија на плановите за реконструкција на паркот Гези.
Првично малите демонстрации против планирањето на реконструкција на паркот Гези, што започнаа на крајот на мај, прераснаа во масовни протести во јуни во цела Турција против владејачката происламистичка партија Партија на слободата и напредокот на премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Турскиот суд го укина проектот за реконструкција на паркот Гези. Владата, меѓутоа, може да ја обжали одлуката.
Паркот Гези, кој беше затворен за посетители, откако принудно беше испразнет од полицијата на 15 јуни, одново беше отворен во почетокот на седмицата. Демонстрациите во него остануваат забранети.