Поранешниот соработник на американската Централна разузнавачка служба и на Агенцијата за национална безбедност, Едвард Сноуден, кој вчера се состана со претставници на организации за заштита на човековите права на московскиот аеродром Шереметјево, изјави дека пред еден месец имал моќ да ја следи сечија комуникација, во секое време од денот и ноќта и напомена дека таа моќ ги менува човечките судбини.
– Тоа е исто така и сериозно кршење на законот, на 4. и 5. амандман од Уставот на мојата земја, на 12. член на Универзалната декларација за човекови права и бројни статути и договори забрануваат такви системи на масовно надгледување, рече Сноуден во соопштението кое им го достави на активистите, а кое го објави Викиликс.
– И додека со американскиот Устав ваквите програми се означени како илегални, мојата Влада смета дека тајните судски пресуди, кои не и се достапни на пошироката јавност, на некој начин ги легитимизираат овие незаконски работи, нагласи Сноуден.
Тој наведе дека верува во принципот деклариран во Нирнберг, во 1945 година, а тоа е дека „поединци имаат меѓународна должност, која ги пречекорува националните обврски на послушност.
Според тоа, поединци имаат обврска да ги кршат и домашните закони, со цел да спречат злосторства против мирот и човештвото“.
– Но сепак го сторив тоа што сметав дека е исправно и почнав кампања за исправување на тоа што е погрешно. Целта не ми беше да се збогатам, како што не барав да ги продадам американските тајни. Не се пазарев со ниту една странска влада, за да се зашитам себе си. Наместо тоа и го изнесов на јавноста тоа што го знаев, за да можеме сите јавно да расправаме за тоа што влијае врз сите нас и барав светска правда, изјави Сноуден.
Според него таа морална одлука да се излезе во јавноста со податоци за масовна шпионажа секако „чинела многу“, но била исправна.
Оттогаш, вели Сноуден, Владата и разузнавачките служби на САД се обиделе од него да направат пример, со кој ќе ги предупредат сите останати кои сакаат да проговорат.
– Јас поради тоа останав без државјанство и протеран сум поради актот на политичко изразување. Американската Влада ме стави на листата на забрането летање. Тоа подразбираше Хонгконг да ме стави надор од рамките на неговиот закон, што е директно кршење на меѓународниот закон за азиланти, рече Сноуден.
– Земјите, кои би застанале позади мене и зад правата на азилантите, кои ги гарантираат Обединетите нации, би се соочиле со санкции. Владата дури презеде и чекор без преседан и го приземји авионот на претседател на земја од Латинска Америка во потрага по политички азилант.
– Овие опасни ексалации, освен што претставуваат закана за достоинството на Латинска Америка, ги загрозуваат и основните права на секој човек, па и нација, да живеат слободно, без протерување и да бараат и да добијат азил, наведе Сноуден.
Сепак, земјите ширум светот, додава Сноуден, му понудиле поддршка и азил, наведвајќи оти тоа го сториле Русија, Венецуела, Боливија, Никарагва и Еквадор, на кои им изрази благодарност и почитување.
– Со добивањето азил од венецуелскиот претседател Мадуро сега мојот статус на азилант е формален и ниту една држава нема основа да го ограничи или да го попречува моето право тој азил да го користам, но некои влади во Западна Европа и Северна Америка демонстрираат подготвеност да бидат над законот и да ми го оневозможат тоа, се навдува во неговото соопштение.
– Оваа подготвеност на моќните држави да играат над законот претставува закана за сите нас и ние не смееме да им дозволиме во тоа да успеат, рече Сноуден.
Тој истакна дека се надева и на позитивен исход од барањето за азил, кое ќе го испрати до Русија.