Александар Стојкоски, кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров од ВМРО-ДПМНЕ на митингот посочи дека нема да дозволи да не се реализираат ветените проекти, по што додаде: „Никогаш нема да си дозволам да одам со наведната глава поради нереализирани ветувања“. Пред граѓаните, посочи дека ги чул сите поплаки и проблеми, има решенија и ќе ги спроведува од првиот ден кога ќе влезе во општината. Стојкоски се претстави како еден од жителите на Ѓорче кој го живее истиот живот со истите проблеми, за кои е дециден дека ќе бидат минато.
„Имам силно чувство дека ние сите сакаме да победиме за подобра иднина и на 17 октомври ние ќе победиме. Ќе победиме за идните поколенија. Се познаваме меѓу нас. Ме знаете како еден од вас и јас сум еден од вас. Овде се образував, израснав, створив семејство, живеев, живеам и создавам. Се обидувам цело време да го направам Ѓорче подобро место за живеење. Ѓорче Петров е силна емоција, енергија, место кое заслужува да биде подобро место за живеење. Ги знам сите убави места на Ѓорче Петров, но ги знам и проблемите на жителите бидејќи и јас ги живеам. Со мојот тим поминавме низ сите населени места. Скоро сите улички. Од вас ги разбрав проблемите, знам дека ви пречат многу работи во Ѓорче. Ви пречи што треба да патувате по еден час да дојдете во својте домови бидејќи некој касно се разбудил и разбрал дека е градоначалник. Знам дека ви пречи депонијата. Јас знам дека по секој дожд вашите улици се претвораат во реки. Знам дека имате проблеми со канализацијата, како што знам дека Кучково остана без вода сред лето, а вода нема се уште. Како што знам дека Орман нема канализација а беше ветувана цели четири години. И нека не ве лажат ако во последниве 50 дена прават привид дека нешто работат, дека ви решиле некој проблем. Не може да ги нема по улиците четири години, а сега да се појават. Време е да заминат во минатото и никогаш да не ни се повтори. И ќе замине“, рече Стојкоски.
На митингот посочи само дел од проектите кои ќе ги реализира, за во Ѓорче да има достоинствен живот, општината да биде модерна и урбана. Убеден е дека ќе ја добие довербата на граѓаните кои на 17 октомври ќе гласаат за него, поради понудата која ја има, но и поради неговата чесност и искреност кон нив.
„Гарантираме изградба на две нови детски градинки, дограба и проширување на постоечките. Сакаме Ѓорче Петров да биде без листи за чекање. Ветуваме реновирање на дотраените спортски сали, изградба на три мултифункицонални сали, гарантираме нови вон школки програми за странски јазици и ИТ вештини. Мојата цел е да создадеме силни индивидуи. Младите ќе добијат и место во културниот центар. Општината ќе обезбеди средства за талентираните. Ќе ги поддржиме учениците и нивните ментори. Гарантираме и подгнување на нови паркови, целосна рекоснтрукција на паркот во срцето на Ѓорче. Гарантираме и целосно санирање на дивата депонија во Ново село и нови зони за спорт и рекреација во општината. Ќе направам се што е во моја моќ да го подигнеме стандардот на жителите. Да создадеме нови инвестиции. Со реконструкција на постоечките и изградба на нови урбани месни заедници, повторно ќе ги отвориме нивните врати за да бидат пристапни со цел полесно да си ги решат проблемите. Стојам пред вас и ви кажувам. Гарантирам дека нема да го има проблемот со кал на улиците, тоа е носечки проект. Со Данела разговаравме како го гледаме Ѓорче. Тоа е урбано и модерно, согласно сите светски текови. Ќе покажеме како се решава проблемот со Лепенец. Сообраќајниот хаос во Ѓорче ќе го решиме со два кружни текови. Ќе ја продолжиме улицата Лука Геров кон Стопански двор и Ново село. Не, јас не сум човек кој може да си дозволи да ветува проекти кои не може да ги реализира. Никогаш нема да си дозволам да одам со наведната глава поради нереализирани ветувања. Сакаме да победиме и ќе победиме. На 17 октомври излезете и заокружете го бројот 7, ќе победиме за подобра иднина за сите!“, додаде Стојкоски.