Случајот со Едвард Сноуден и откриените од него масовни нарушувања на неприкосновеното право на личен живот покренуваат серија важни прашања, кои државите не можат да ги занемарат, изјави високиот комесар за човекови права на Обединетите нации Нави Пилај.
Ова е првиот нејзин коментар за случајот со поранешниот соработник на ЦИА и НСА Сноуден, кој веќе три недели се наоѓа на транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево, а САД бараат негова екстрадиција и го обвинуваат за шпионажа.
Според Пилај „набљудувањето без соодветни гаранции за заштита на неприкосновеното право на личен живот во пракса може негативно да се одрази врз почитувањето на човековите права и слободи“.
Таа нагласи дека во член 12 од Универзалната декларација за човекови права и член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права се наведува дека „никој не треба да биде подложуван на самоволно мешање во неговиот личен живот, семејството, местото на живеење и комуникациите и оти секој човек има право на заштита пред законот од таквото мешање или интервенции“.
Според Пилај луѓето треба да бидат уверени дека нивната лична комуникација „не е предмет на неосновано следење од страна на државата“.