Советниците на Општина Центар треба да донесат одлука Градот Скопје да го преземе одржувањето и чувањето на спомениците и објектите кои се дел од проектот „Скопје 2014“.
Само за одржување на фонтаната на Александар Македонски и двете фонтани во Вардар во изминатиот годишен период се потрошени околу 145.000 евра, од кои 35.000 евра само за струја.
За одржување на сите споменици и фонтани, не вклучувајќи ги плоштадите „Пресвета Богородица“, „Карпошово востание“ и мостовите „Око“ и оној на уметноста, Општината на годишно ниво има трошок од околу 255.000 евра.
За физичкото обезбедување Општината за период од две години ќе треба да плати речиси 60.000 евра. За одржувањето на вечниот пламен во паркот „Жена-борец“ општинската каса треба да е покуса за 7.000 евра а две полнења на резерватот во период од шест месеци чини околу 3.500 евра.
„Фонтаните на плоштадите се наоѓаат на јавни површини од надлежност на Град Скопје, а исто така фонтаните во реката Вардар се наоѓаат во речното корито кое е во исклучива надлежност на Градот. Од тие причини, а со цел да обезбеди поекономично и поефикасно управување и одржување на наведените објекти, се предлага тие да се отстапат на чување, одржување, заштита и на користење на Град Скопје, при што потребните средства за овие намени да се обезбедат од буџетот на Градот“, се вели, меѓу другото, во образложените на предлог-одлуката на која е потпишан Жерновски.
Ова, всушност, се смета како предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Центар според одредбите на Законот за локална самоуправа, а меѓусебните права и должности да се уредат со договор што ќе го склучат двајцата градоначалници.
Од Град Скопје велат дека ако се донесе ваква одлука, тие ќе ја прифатат.