Откривањето на американската програма за прислушување на германски официјални лица и обични граѓани води до губење на довербата во САД, изјави германската министерка за правда Забине Лојтхојсер-Шнаренбергер.
Таа изрази загриженост за безбедноста на сопствените телефонски разговори, додавајќи дека е потребно американските власти да дадат јасни одговори.
– Како министер внимавам што зборувам по телефон. Често избегнувам да споменувам имиња и сакам разговорите да ги водам лице в лице. Одамна разговарам на тој начин. Но, имам впечаток дека комуникацијата не е сигурна поради тврдењата дека Агенцијата за национална безбедност ги шпионира телефонските разговори и интернетот во Германија и цела Европа, истакна Лојтхојсер-Шнаренбергер.
Министерката смета дека притисокот врз САД треба да биде зајакнат и побара да се дознае до колкав степен на вистинитост се тврдењата дека содржините и податоците се следени по многу пати дневно.
Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих вчера отпатува во Вашингтон на средба со американскиот секретар за правда Ерик Холдер во врска со методите за прислушување на американската Агенција за национална безбедност.