Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во резиденцијалната вила „Билјана“ во Охрид го прими оперскиот пејач Дмитри Хворостовски, руската ѕвезда што ќе го отвори годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“.
Воодушевен од прекрасниот поглед на езерото и градот, Хворостовски рече дека глетката е доволна за да се чувствува како во рајот.
– Не ми треба ништо друго. Доволно е ова место за да ја имам врската со Бога, рече славниот уметник, не криејќи ги импресиите од она што го слушна од претседателот Иванов, за културното наследство и вековната историја.
Хворостовски имаше можност да слушне за бројните цркви во Охрид, за пастрмката како ендемичен вид, бисерното езеро…
Претседателот Иванов не рускиот уметник му пренесе дека тука живеат луѓе со отворен ум кои творејќи ја музиката ја создаваат уметноста, како и оти фестивалот „Охридско лето“ повеќе од половина век ја слави креативната духовна уметност преку музиката и театарот.
Истовремено, на првите луѓе на фестивалот им посака среќно и бериќетно издание.
Оперската ѕвезда Дмитри Хворостовски со целовечерен настап утре ќе го отвори 53-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Заедно со синот Максим беше пречекан од диригентот и негов личен пријател Константин Орбелиан пред хотелот „Инекс Горица“ каде ќе престојуваат овие два дена.
Инаку, за вечерва е закажана и генерална проба во Античкиот театар. Досега оркестарот и хорот на Македонската опера и балет имаа три проби со диригентот Орбелијан, кој раководи со концертите на кој настапува Хворостовски.
Покрај редовната програма за свеченото отворање на фестивалот, предвидени се два биса на кои славниот уметник ќе ги исполни композициите „О соле мио“ и „Очи чорније“.
Меѓународно признатиот руски баритон е роден во Краснојарск, Сибир, Русија. Во 1989 година ја освоил престижната награда „Кардиф“ на светски натпревар. Од почетокот на неговата кариера, публиката беше одушевена од неговиот култивиран глас, природното легато. По оперското деби на Запад, во операта во Ница со „Пикова дама“ на Чајковски, неговата кариера доживеа врв во најголемите оперски куќи и фестивали, меѓу кои Ројал опера хаус, Ковент гарден, Метрополитен, Париската опера, Миланска Скала. Неговата агенда е пребукирана до 2016 година.
Тој има силен музички и личен контакт со Русија. Станал првиот оперски пејач што настапил соло со оркестар и хор на Црвениот плоштад во Москва, концерт пренесуван во повеќе од 25 држави.
Има номинација за наградата „Греми“, за оперски музички запис.