Актуелниот првак Шкендија ја преживеа Струга со еден освоен бод. Струга Трим Лум ремизираше против тетовскиот тим, откако поведе со голот на Емир Скендери во 11.минута, но израмни Ангелчо Тимовски во 80.минута од мечот.
Ренова беше убедлива на домашен терен против Брегалница и славеше со 5-2. Фатјон Јусуфи донесе предност во 22.минута, но Марјан Алтипармаковски израмни само три минути подоцна. Сепак, Ремзифаик Селмани во 33.минута и Шефит Шефити во 37.минута донесоа комфорна предност за „гипсарите“ на полувремето.
Брегалница намали преку Јован Манев во 53.минута, но потоа следеа головите на Антонио Илиески и на Бурхан Мустафов за конечен триумф.
Работнички долго имаше водство, но не успеа да го победи Пелистер. „Зелените“ се спасија со голот на Антоан Глоире во 90.минута, откако Работнички обезбеди водство со ударот со глава на Александар Ристевски во 34.минута.
Тиквеш стигна до првата победа, и тоа убедлива (3-0) против Македонија. Се почувствува веднаш ефектот на тренерот Влатко Костов. Анаел Нгоба во 54.минута го отвори резултатот, Иван Ивановски од пенал зголеми на 2-0 во 83.минута, а Едиз Спахиу во самиот финиш го потврди првиот триумф.
Скопје во Велес го изненади Борец и победи со 0-2. Искусниот напаѓач Христијан Кировски на самиот старт ги шокираше велешани со два гола. Првиот го постигна во шестата минута, а потоа погоди уште еднаш во 13.минута.
Дербито меѓу Академија Пандев и Шкупи се игра од 18 часот во Струмица.
ПРВА ЛИГА, 8.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ
СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ШКЕНДИЈА 1-1
РЕНОВА – БРЕГАЛНИЦА 5-2
БОРЕЦ – СКОПЈЕ 0-2
РАБОТНИЧКИ – ПЕЛИСТЕР 1-1
ТИКВЕШ – МАКЕДОНИЈА ЃП 3-0
Струмица: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ (18Ч.)