Германскиот производител на автомобили БМВ ги објави техничките карактеристики на новиот модел и3 со електричен погон, кој ќе биде премиерно претставен кон крајот на јули.
БМВ и3 претставува прв обид на германскиот производител на пазарот да претстави електричен автомобил во сериско производство.
Инженерскиот тим на БМВ создаде шасија целосно изработена од алуминиум, додека безбедносната кабина за патниците е изработена од зајакнати јаглеродни влакна. Како резултат на тоа и3 има тежина од само 1.195 килограми, што е одлично за електричен автомобил поради тежината на батериите.
БМВ и3 доаѓа со електромотор со јачина од 170 коњски сили. Моторот е тежок 50 килограми и поставен над задната оска. и3 од 0 до 60 километри на час ќе забрзува за 3,5 секунди, додека до 100 километри на час за 7 секунди. Максималната брзина е ограничена на 150 километри на час.
Електромоторот се напојува со литиум-јонски батерии поставени во средишниот дел, во подот на возилото. БМВ наведува дека и3 за секојдневна употреба ќе има слобода на движење меѓу 130 и 160 километри.
БМВ и3 е опремен со најновата технологија на компанијата БМВ КонектДрајв, што овозможува целосна вмреженост и поврзување со надворешниот свет.
Официјалното претставување на ВМВ и3 е закажано на 29 јули годинава во Њујорк.