Германскиот производител на возилата „БМВ“ во првото полугодие од 2013 година продаде рекорден број автомобили. Според наводите на првите луѓе на „БМВ“, во јуни оваа германска компанија низ целиот свет продала 184.489 возила, што во споредба со истиот месец минатата година е раст од 6,9 отсто.
Официјалните претставници на компанијата „БМВ“ истакнуваат дела заради големата побарувачка во Азија и Америка успеале да ја надополнат загубата и помалата побарувачка на нивните возила во Европа.
Растот на продажбата на возила на компанијата „БМВ“ во првата половина на оваа година достигна шест отсто, односно од јануари до јуни се продадени 954.521 возила.
– „БМВ“ ги оствари своите најдобри резултати во историјата, како во јуни, така и во првите шест месеци од тековната година и покрај сите проблеми на одделни европски пазари, изјави шефот на продажба во „БМВ“ Иан Робертсон.
Во рекордната продажба на „БМВ“ најмногу придонел растот на побарувачка на азискиот пазар, каде продажбата од јануари до јуни порасна за 14,4 отсто на годишно ниво.