Повеќе од 100 авганистански новинари апелираа до меѓународната заедница да ја заштити слободата на печатот во Авганистан, јави ДПА.
Најитна потреба е гарантирање на заштитата, особено на новинарките, соопшти анонимно групата новинари, уредници, фотографи во апелот упатен преку Репортери без граници (РСФ).
Честите напади врз медиумите и мешањето на талибанците во нивната работа ги натера да се плашат од најлошото, наведуваат новинарите.
Апелот, насловен „Новинарството во Авганистан е во опасност од истребување“, е потпишан од етнички и политички разновидна група од 103 новинари, уредници и фотографи, вклучувајќи 20 жени, наведува Репортери без граници (RSF)
Повеќето од нив се уште работат во Авганистан, иако некои се кријат, а 10 се во егзил. Сите сакаа да останат анонимни од страв од одмазда против нив или членовите на нивното семејство, пренесува ДПА.
-Талибанците покажаа дека нема да толерираат слободен печат, ниту во Кабул, ниту во провинциите, изјави извршниот директор на РСФ, Кристијан Михр. „Постои закана за враќање на мрачните пет години од првото владеење на талибанците’, додаде тој.
Новинарите побараа конкретна поддршка за да им се овозможи на авганистанските редакции да продолжат да работат. „На краток рок, потребна е и дипломатска, конзуларна и финансиска помош за евакуација на новинарите во ризик“, се додава во писмото.