На локацијата кај мегалитската опсерваторија Кокино, викендов ќе се одржи третото издание на Мултимедијалната културна манифестација „КОКИНО – Тврдина на сонцето“, кој годинава првпат е организиран со тридневна програма од 17 до 19 септември.
Во рамки на перформативната програма на „Кокино – Тврдина на Сонцето“ ќе се одржат повеќе од 20 настапи на реномирани уметници од македонската сцена, вклучувајќи ги и концертите на: „Љубојна“, Дина Јашари, Тони Китановски, „Фулиш грин“, Драган и Ратко Даутовски, „Перија“, Сашо Гигов Гиш, „Сетстат“, „Летечки Пекинезери“, Џенгиз Ибрахим, „Чалгија Саунд Систем“, „21 Век“, „Тока Шитет“, Јон Ајди, диџејските сетови на Горан Кан, Флудер, Чарли и уште многу други музички изведувачи.
Покрај концертите, програмата на овој специфичен настан вклучува и театарски перформанси, кино-проекции, но и едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, стрип изложба, ракотворби.
Почетокот на програмата во петок, 17 септември е закажан во 16:30 часот, а ќе трае до 23:00 часот вечерта. Во сабота и недела, 18 и 19 септември, посетителите имаат вистински ретка прилика да го поминат денот на Кокино во прекрасното природно опкружување оплеменето и со програмата на Фестивалот која ќе се одвива од пладне, 12:00 часот па до зајдисонце, 19:00 часот.
Присуството на настанот е бесплатно за посетителите, но поради специфичноста на локацијата настанот ќе биде организиран со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата со возила, поради што ќе биде организиран автобуски превоз и посебен паркинг за автомобили.
За време на настанот по автопатот од месноста „Крст“ кон локацијата на Кокино ќе биде дозволен пристап само за организираниот автобуски превоз и возилата со пропусница т.е. паркинг-билет. Понатаму, од просторот за паркинг на автомобилите, па до самата локација, за посетителите ќе биде организиран бесплатен превоз со комбиња кои ќе циркулираат на секои 30 минути за време на траењето на настанот. Дневните билети за организираниот автобуски превоз (од Скопје и од Куманово) чинат 50 денари (повратен билет за едно лице), а иста цена, 50 денари чини и дневната пропусница за пристап со сопствен автомобил до организираниот паркинг-простор (паркинг-билет за едно возило).