Премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека нема да биде дел од „Отворен Балкан“сè додека Србија не го признае Косово.
Тој додаде дека не може да биде на иста маса и да носи заеднички одлуки со држава која ги негира злосторствата извршени врз албанскиот народ.
Курти истакна дека сите треба да извршат притисок врз Србија, а не врз Косово.
– Ние сме за добри билатерални односи, а не да искажуваме разбирање кон Србија. Секое разбирање за непризнавање на Косово го чини Косово. Ние не сметаме дека е во интерес една Србија која ги негира злосторствата и не ја признава нашата независност да бидеме заедно, да донесуваме одлуки заедно. Не треба да се менува Косово, туку Србија и оние што се обидуваат да извршат притисок врз Косово, грешат. Должност на секој Албанец е да изврши притисок врз Србија, рече Курти.
Тој по средбата со германската канцеларка во Тирана, која ја оцени како плодна, рече дека Берлинскиот процес е доволен и не се потребни други алтернативи за да се создаде позитивен дух на Балканот, посочувајќи дека Берлинскиот процес е начин за интеграција на Косово во Европската унија.
– Не може да има европски фондови без европски вредности. За нашите земји, нагласив дека постојат четири елементи неопходни за мир и стабилност, владеење на правото кое дејствува против корупцијата и олигарсите, вториот е демократизацијата. Третиот е соочувањето со минатото кое не дозволува воените злосторници да бидат слободни, четвртиот е реципроцитет на националните малцинства наспроти хегемонијата, рече меѓу другото Курти.
Според него, Берлинскиот процес е неопходен и доволен за интеграција на Балканот.
– Балканот не е шест, туку е најмалку 12 земји. ЕУ треба да биде разликата помеѓу Берлинскиот процес и Отворен Балкан е во тоа што во втората ја немаме ЕУ. Исто така, треба да се нагласи дека Косово е независна држава и сите ние треба да се ангажираме независно од ЕУ, рече Курти.
Претходно, албанскиот премиер Еди Рама и германската канцеларка Ангела Меркел изнесоа заедничка оценка дека Берлинскиот процес не може да се замени со нови иницијативи што се појавуваат и се иницираат со текот на времето.
Според нив, „Отворен Балкан“ не е иницијатива која се стреми да се натпреварува со Берлинскиот процес, туку е алатка на регионот за спроведување на Берлинскиот процес.
Притоа Рама го обвини Курти, велејќи дека прави теорија на заговор за „Отворен Балкан“.