„Зелен хуман град“: Сите одлуки, па така и рангирањето на кандидатската листа за локалните избори, се носат со гласање од страна на членките на ЗХГ

Од:

Активисти на Граѓанска иницијатива „Зелен хуман град“ ги демантираат информациите објавени во текстот „Драгана Велковска и Марјан Калевски: сопружници дома, партнери на листа за советници“ објавен на 11.09.2021 година од страна на порталот А1ОН, а потоа преземен и од останати медиуми. Според наведеното во демантот, во текстот носителката на советничката листа за Град Скопје, Драгана Велковска, е обвинета за непотизам.

„Објавен со единствена цел да дискредитира наместо објективно да информира, текстот претставува пример за тенденциозно и непрофесионално известување и манипулирање на граѓаните.

Ова се согледува во намерата да се занемари долгогодишното активистичко искуство на наведените кандидати и како единствен релевантен предуслов за кандидирање на советничка листа да се земе нивниот брачен статус“, се наведува во демантот.

Од Зелен хуман град велат дека се неформална граѓанска иницијатива со хоризонтална структура. Првично е основана од 12 активистички групи, но денес ја сочинуваат над 20 активистички групи и поединци.

„Сите одлуки, па така и рангирањето на кандидатската листа за локалните избори, се носат со гласање од страна на членките на ЗХГ. Според гласањето за рангирање до број 20 од кандидатската листа и имајќи го предвид начелото на рамноправна родова застапеност, Марјан Калевски беше позициониран на четврто место на листата.

Членките на ЗХГ гласаа за кандидатите според нивниот досегашен придонес во самата иницијатива, но и претходното активистичко искуство. Во случајов, Марјан Калевски својот волонтерски ангажман го има започнато во Анима Мунди, основач е на ЗХГ, Е.Д.Е.Н. и Охрид ЅОЅ и зад себе има 12-годишно искуство како активист-волонтер.

Наспроти субјективното новинарско известување стои Етичкиот кодекс на новинарите кој налага почитување на етичките вредности и на професионалните стандарди во пренесувањето на информациите – им налага на новинарите да бидат чесни, објективни и точни. Но, за жал, тоа не е случај со овој текст чија тенденциозност ја потврдува и фактот што е непотпишан.

Ги повикуваме новинарите да се придржуваат до професионалните стандарди и да не го враќаат нашето општество во едно минато мрачно време кога беше сосема нормална појава да се спинува и да се пишува тенденциозно и сензационалистички, непоткрепено со факти, а текстовите да не се потпишуваат.

Ние сме целосно свесни за одговорноста која ја имаме. Истото го очекуваме и од сите останати чинители.

Токму затоа, во согласност со член 14 од Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, бараме од А1ОН и останатите медиуми кои го презедоа текстот, во целост да го објават овој демант на истото место и на ист начин како што е објавен текстот со наведените клевети“, се вели во демантот.

Би можело да ве интересира

Зелен хуман град: Пропаднаа мерките за спречување на аерозагадувањето во Град Скопје

Зелен хуман град: Го одбиваме буџетот на Град Скопје за 2024 година

Катерина Ѓуровски

Зелен Хуман Град: 15 предлози за намалување на аерозагадувањето преку Град Скопје

Ана Ололовска

Зелен хуман град до УСЈЕ: Никој не ви верува на провидните маипулации

Катерина Ѓуровски

Kонстантин Петрески избран за претседател на Градскиот еко совет

А1он

Петровска: Не сум рекла да не се гласа за Шилегов

А1он