Премиерот Зоран Заев на Фејсбук се произнесе во врска со оставката што ја понуди министерот Венко Филипче, и неговиот заменик Илир Хасани.
Тој, во својот статус, вели дека „проценката и одлуката по однос на поднесените оставките ќе ја базира исклучиво на фактите кои ги добива од истрагата“.
„Поднесените оставки од министерот за здравство Филипче, од заменик министерот Хасани и од директорите на тетовската болница Бесими и Етеми ги примив и ги разбирам како висок морален и етички чин и како демонстрација на интегритет и одговорност која е неминовна при вакви големи несреќи“, пишува Заев и додава:
„Имајќи предвид дека истрагата се спроведува со висока динамика и дека истата е обезбедена со највисоко ниво на стручност и професионалност, мојата проценка и одлука по однос на поднесените оставките ќе ја базирам исклучиво на фактите кои ги добивам од истрагата односно исклучиво согласно утврдените причини за избувнувањето на пожарот. Очекувам тоа да се случи брзо во следниот период за што уште еднаш апелирам до сите институции за брза и темелна истрага. Одговорност има и ќе има, јасно утврдена врз основа на непобитни форензички факти, а не врз основа на политички пресметки“.
Инаку Заев се уште нема јавно излезено пред медиумите по пожарот во тетовската болница во која загинаа 14 луѓе. Тоа го најави за наредната недела.
За пожарот во Тетово, оставки поднесоа и директорот на тетовската болница, Флорин Бесими, економскиот директор Артам Етеми, заменик-министерот за здравство Илир Хасани, а писмена оставка понуди и министерот за здравство Венко Филипче.