„Потребна ни е светлина повеќе од било кога“ – Со оваа порака, уметниците и продукцискиот тим на меѓународниот фестивал на светлосна уметност, Skopje Light Art District им оддадоа почит на трагично загинатите во пожарот, кој во петокот ја зафати КОВИД 19 модуларната болница во Тетово.
Поради трагичниот настан, светлосните уметнички инсталации беа активни, но без музика и звук, а уметниците испишаа пораки на надеж, на 14 јазици, кои потоа беа проектирани на бината Школка, една од локациите на овогодинешното издание на светлосниот фестивал.
Во една од најголемите трагедии во последните години, пожарот кој доцна вечерта во петокот ја зафати КОВИД 19 модуларната болница, според последните официјални информации, 15 наши граѓани ги загубија своите животи. Владата по настанот, прогласи тридневна жалост на целата територија на државата.
Продукцискиот, креативниот тим на фестивалот и 25-те уметници кои со свои светлосни дела и перформанси изминатите денови го обоија Скопје, го изразија своето сочувство до семејствата и најблиските на жртвите во пожарот.
„Со длабоко жалење ја примивме веста за трагедијата во КОВИД центарот во Тетово. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на загинатите. Воедно, ја користиме оваа прилика да оддадеме почит на жртвите. За време на деновите на жалост, сакаме да испратиме порака на надеж. Сега ни е потребна светлината, повеќе од било кога”, гласи заедничката порака на продукцијата и уметниците.