Министерството за здравство ја поздравува постапката на Основното јавно обвинителството кое ја води истрагата за избувнувањето на пожарот во мобилниот ковид центар во склоп на КБ Тетово, каде на голема жалост имаше и човечки загуби.
„Ја информираме јавноста и истражните органи дека стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид центри во државата“, велат од МЗ.
„Стручни технички извештаи од извршените испитувања на отпорите на заштитното заземјување, испитување на непрекинатоста на заштитниот проводник и отпорите на распространување на инсталацијата за заштита од атмосферски празнења, сертификати за тестирање и квалитет на материјалите кои се вградени во префабрикуваните модуларни контејнери, сертификати за ѕидни и кровни панели, за подови, известувања за извршена хидро проба и тестирање на инсталираната водоводна мрежа, известувања за исполнетост на минимални технички барања во однос на конструкција, плафони, столарија, греење и ладење, инсталации и подови, изјава за сообразност, записници од примопредавање на префабрикуваните модуларни контејнери-регионални ковид центри, решенија за пренесување на вредност на модуларни контејнери, како и решенија за пренесување на вредност на инвентар и немедицинска опрема на болниците се достапни за увид“, се наведува во соопштението на МЗ.
„Министерството за здравство информира дека откако изведувачот ќе ги поставеше модуларните контејнери се вршеше примопредавање на истите. Примипредавањето го правеа инженери од МЗ, МТСП, како и претставници од изведувачот и болниците, со што модуларните контејнери се предаваа на болниците во целост согласно техничките спецификации од договорот.
Министерството за здравство не сакајќи да се меша во јавно обвинителските одлуки и дејствувања, ниту да наштети на независната истрага која ја водат Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по претходна нивна дозвола, документацијата со која располагаме подготвени сме да ја доставиме на увид“, се додава во соопштението на МЗ.