Кафе – барот „Интермецо“ ќе остане пломбиран десет дена, казна од 1500 евра ќе добие одговорното лице и со 5.500 евра ќе биде казнето правното лице. Пломбирањето и казните следуваат откако во вторникот вечерта инспекторите на Државниот пазарен инспекторат начекаа журка со странски странски ди – џеј во преполн локал без почитување на мерките за заштита од Ковид – 19. Анета Симеска – Димоска, директорка на Државниот пазарен инспекторат вели дека решението за пломбирање и глобите за кафе – барот, кој е затворен од вторникот, се готови, а инспекторот се одлучил да го затвори локалот само на десет дена иако законот му дозволува да го затвори на 30 дена.
„Кафе – барот ќе биде затворен десет дена од можните 30, затоа што нашата улога пред сè е превентивна. Инспекторите добиле уверување од ‘Интермецо’ дека непочитување на протоколите нема да се повтори, а освен тоа сопственикот ги известил и дека сите настани планирани до крајот на септември се откажани, посебно оние со странски гости за кои има голем интерес и се прави метеж. Ние при одлучувањето мора да водиме сметка за сите аспекти односно за почитување на протоколите, но и за тоа дека има категорија луѓе кои сметаат дека локалите треба да работат и дека со подолго затворање многумина остануваат без работа. Тоа, пак, не ја исклучува можноста, доколку вакви забави се повторат, во ист месец да затвориме локалот и вторпат“, вели директорката Симоска – Димоска за „А1он“.
Во вторникот вечерта инспекторите утврдиле прекршување на протоколите по два основа. Растојанието помеѓу ди – џејот и првите маси не било пет метри, како што стои во протоколот, туку имало околу 1,5 метар и локалот бил исполнет со полн капацитет.
“Први првата контрола вечерта во вторникот инспекторите не нашле забелешки. Внатре во објектот сите маси биле поставени согласно протоколите, а и првата контрола на билетите не покажала отстапки, но по еден час кога повторно влегле внатре, веќе било евидентно дека има повеќе луѓе отколку што е дозволено, а голем метеж, место празен простор, имало и околу ди- џејот“, објасни директорката Симоска – Димоска.
Ова не е прво затворање на „Интермецо“. Неколку пати беше затворано поради гласна музика, а за време на речиси цела пандемија организира журки на кои, според видеата што јавно ги поставуваат гостите, се гледа дека не се почитуваат протоколите. Директорката Симоска – Димоска вели дека претходните затворања не може да се земат предвид оти законот не предвидува посебна казна за некој што го повторува делото и не можат врз основа на тоа да му изречат забрана за вршење дејност туку постапиле како што постапуваат со сите останати локали кои ги прекршиле протоколите.