На малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ) во тек се подготовките за најновата претстава „Работи за кои не зборуваме“.
Претставата е во режија на Нела Витошевиќ, а во копродукција на „Wonderland Theatre“ и МНТ.
Како што соопштија од МНТ, приказната е базирана на лични искуства на актерите, како и на интимни животни искуства на разни луѓе, кои можеби секој од нас на еден начин ги искусил или преживеал, но останале таму некаде длабоко потиснати во нас, а притоа не сме имале доволно храброст или можност да ги споделиме.
-Токму во оваа претстава се разработуваат интимни сведоштва на лица кои безрезервно ги споделија/раскажаа своите болки, трауми, срамови, моменти на осуденост, злоупотреба, безизлез, параноја, несоница, неприфатеност, лажни насмевки, изгубен апетит, голтање апчиња, повраќање во шолја, зјапање во празно, плачење под очила, бегство, триење под туш, губење здив, заглавеност во миг од животот, појаснуваат од театарот.
Стегите се отклучуваат преку актерската игра на Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски.
Сценографското решение е на Васил Христов – Вуси, а костимите ги изработи Роза Трајческа. Користена е музика од Крсте Роџевски, додека дизајнот на плакат е на Борче Димитриовски.
Проектот е финансиран од Швајцарската амбасада во Северна Македонија, со поддршка од Министерството за култура и во соработка со Македонскиот народен театар. Премиерната изведба се очекува кон крајот на септември, согласно тековните протоколарни мерки за заштита од Ковид – 19.