Обединетите нации денеска соопштија дека се „длабоко загрижени поради ужасните услови“ со кои се соочуваат мигрантите на границата меѓу Полска и Белорусија.
Меѓутоа, полскиот премиер Матеуш Моравјецки рече дека белоруските безбедносни служби ги снабдувале со храна и пари мигрантите кои со недели се заглавени на границата, што ги охрабрило илегално да преминат во Полска, пренесува Бета.
Полска, Литванија и Летонија, земји на Европската унија, го обвинуваат претседателот на Белорусија Александар Лукашенко дека илегално ги пренесува мигрантите од Ирак, Авганистан и Сирија на нивните територии, оценувајќи дека на тој начин се одмаздува на Унијата поради санкциите.
Повеќето мигранти или беа протерани од границата или префрлени во прифатните центри, а веќе неколку недели, околу 30 мигранти се заглавени на граничниот премин меѓу Полска и Белорусија.
Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека мигрантите се соочуваат со „екстремно тешки услови, ограничен пристап до вода за пиење и храна, медицинска нега и засолништа“.
„Продолжувањето на оваа неприфатлива ситуација претставува сериозна закана за животот и здравјето на мигрантите“, рече ИОМ.