Заловено од скопските улица, во населбата Новоселски пат, со трајно оштетување на окото и малтретирано од локалните жители, Дарио од денеска го живее американскиот сон.
„По повеќе од три месеци поминати во „Лајка” и по долга и напорна работа, Дарио на 2 септември 2021 година се збогуваше со сите наши вработени, подготвен за патот од 16 часа, преку Виена до Чикаго.
На овoj видео линк (https://youtu.be/B7OM_PwzSn8) можете да го видите животот на Дарио, од моментот кога беше најден, до моментот кога комотно си лежи во креветчето во новиот дом во САД.
Дарио, кој има две години, е првото куче од „Лајка” што патува надвор од земјава и се вдомува прекуокеански, согласно сите законски процедури за транспорт на кучиња. Тој сега ужива кај новото семејство, носејќи го околу вратот плочка на која пишува „Дарио – те сака Лајка”, за никогаш да не заборави со каква љубов беше чуван сите овие месеци“, се наведува во соопштението на Лајка.
Од таму велат дека се надеваат дека во иднина многу други кучиња заловени од скопските улици ќе ја доживеат неговата судбина и ќе најдат дом надвор од границите на државата.