Во официјалната програма на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси во Франција вечерва ќе биде претставен играниот филм „Хомо“ на Игор Иванов – Изи, јави дописникот на МИА.
Француската премиера на филмот „Хомо“ е во рамките на престижната селекција „Под Ѕвездите“, која е најпосетената официјална селекција на фестивалот при што ќе биде прикажан под отворено небо, а утре вечер и во една од најдобрите кино сали во Франција „Камео“.
Драмата „Хомо“ е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови. Во ова филмско дело, режисерот го соочува обичниот човек со загрижувачките состојби на нехуманост, алчност и суровост – состојби кои тивко, но полека го уништуваат општеството. Филмот прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И токму во оној момент кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов.
Сценариото за филмот го напишаа Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, директор на фотографија е Маја Радошевиќ, сценограф е Кирил Спасески, костимографијата е на Полонца Валентинчиќ, шминката е на Аленка Нахтигал, снимател на звук Борис Трајанов, а монтажата на Мартин Иванов. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а ко-продуценти се Мирослав Могоровиќ (Арт енд попкорн, Србија), Галина Тонева (Гала Филм, Бугарија), Лумбард Кукај (Триггер, Косово) и Бојан Мастиловиќ (Иридиум Филм, Словенија)
Актерската екипа ја предводеа Александар Матовски-Цако во улогата на Гоги, Наташа Петровиќ во улогата на Кети, Игор Ангелов во улогата на Поп Христо, Јордан Симонов во улогата на Адвокатот, Мајлинда Косумовиќ од Косово во улогата на Зана, Сашко Коцев во улогата на Петар, Оливер Митковски во улогата на Сократес, Сергеј Димовски на кого ова му беше дебитантско остварување на долгометражен филм – во улогата на Поп Демијан, Јоана Буковски од Бугарија во улогата на Петра, Себастијан Каваца од Словенија во улогата на психијатарот Др. Улчар, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски во улогата на Вујкото на Гоги, Мартин Манев – во улогата на Виктор и Славиша Кајевски во улогата на Фантом.
Филмот „Хомо“ е во доминантна македонска продукција на „Скопје филм студио“, покрај најголемиот дел финансиски средства добиени врз основа на проект од национален интерес од филмска дејност од Агенција за Филм на Република Северна Македонија, а проектот поддршка доби од Национален филмски центар на Бугарија, Филмски центар на Србија, Косовски центар за кинематографија и од Словенечки филмски центар.
Филмот стана вистински амбасадор на македонската култура во Франција, потврда на тоа се излегувањето во комерцијална екслоатација на два македонски филмови во француските кино сали „Господ постои, името му е Петрунија“ и „Медена Земја.
Што се однесува до Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, тој е еден од најголемите филмски фестивали во регионот Гранд Ест (Источна Франција). И можеби еден од единствените филмски фестивали во светот, каде што редовно во изминатите дваесетина години редовно се селектирани македонски филмови или македонски копродукции кои се претставувани пред француската публика. Многу од нив се вратија од Нанси и со награди. години во својата селекција има македонски филмови. Тоа не е случајно, бидејќи од од 2013 година, негов претседател и генерален делгат (уметнички директор) е македонско-францускиот новинар Тони Гламчевски, дописник на МИА и МРТ од Франција.
Годинава се одржува 27-то издание на МФФ-Нанси од 28 август до 6 септември со над 150 краткометражни и долгометражни филмови и над сто проекции.