Влијателен член на рускиот Парламент, кој често ја изразува позицијата на Кремљ, вчера го повика поранешниот соработник на ЦИА Едуард Сноуден да го прифати предлогот на Венецуела за азил.
Во порака на Твитер, претседателот на комисијата за надворешна политика во рускиот Парламент Алексеј Пушков напиша:
„Венецуела чека одговор од Сноуден. Тоа може да биде негова последна шанса да добие политички азил“.
Во саботата венецуелскиот министер за надворешни работи Елиас Хава изјави дека Сноуден немал контакти со Венецуела, откако претседателот Николас Мадуро му предложи политички азил.
– Чекаме до понеделник да разбереме дали ќе ја потврди желбата да го преземе азилот во Венецуела, рече вчера министерот.