Од аеродромот во Кабул полета последниот британски авион наменет исклучиво за евакуација на цивилно население. Амбасадорот на Велика Британија во Авганистан вели дека е време да биде прекинат воздушниот мост со кој беше евакуирано цивилното население, а дека ќе продолжат летовите наменети за британската војска и за мал број Авганистанци. Во последните две седмици, Британија евакуираше околу 15 илјади жители на земјата.
Соопштението од Британија дојде неколку часа откако Франција информираше дека поради безбедносни причини е прекината евакуацијата што ја спорведува оваа земја. Сепак Франција повикува на организирање хуманитарна операција за извлекување на Авганистанците кои сакаат да ја напуштат државата со која сега раководат талибанците.
Италија досега евакуираше 5.000 Авганистанци од Кабул што е највисока бројка меѓу земјите членки на Европската Унија.
„За нас императив е да не го напуштиме авганистанскиот народ, жените и маладите од Авганистан и сите они кои во изминативе години покажаа голема желба за еволуција и за промени“ – рече италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Маио.
Вели дека се надева дека со помош на Обединетите нации, невладините оганизации и на другите земји, Авганистанците ќе бидат евакуирани и по 31.август.
Околу пет илјади Авганистанци во моментов се заглавени на аеродромот ов Кабул чекајќи евакуација. Остануваат уште само неколку дена од крајниот рок. Талибанците денеска поставија нови контролни точки околу аеродромот за да спречат собирање на повеќе луѓе.
110 илјади луѓе во 14 дена ја напуштија земјата.