Судијата во Кривичниот суд, Владимир Туфегџиќ се повлекува од функцијата и побарал од Судскиот совет, од декември, да повеќе да не ја извршува. Тој смета дека донесената одлука е исправна и образложува дека ако не напредува во кариерата поради нарушен систем на вредности, тогаш се губи смисла да се продолжи понатаму.
„Судиската функција ја доживувам како престижна статусна функција која претставува предизвик, да се реализира судија од кариера преку постојано едуцирање и напредок во кариерата. Доколку не се оствари напредувањето во кариерата, како основна цел, мотив и двигател во секоја работа, особено на судиската функција, поради нарушен систем на вредности, тогаш започнува да се губи смислата и мотивот да се продолжи понатаму во истиот амбиент. После престанокот на мандатот, мојата кариера ќе ја продолжам понатаму како дел од угледна адвокатска канцеларија и ќе продолжам да се залагам за воспоставување на вистинските вредности и вреднување, особено за целосно елиминирање на политиката и политичките влијанија во правосудството“, напиша Туфегџиќ.
Судијата Туфегџиќ е избран во 2008 година. Тој има судено стотици предмети, меѓу кои познати на јавноста и се „Тврдина-таргет“ за масовното незаконско прислушување, „Еразмус“ за професорите обвинети дека барале секс и пари за оценки, „Трезор“ за набавката на опрема за следење комуникации. Во 2011, Туфегџиќ беше судијата кој ги замрзна сметките на телевизијата „А1он“, во својство на истражен судија.