Во текот на вчерашниот ден е забележан значително зголемен интерес за вакцинација помеѓу граѓаните. Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 638.428 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.275 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 17.623 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.134.231 дози вакцини, а ревакцинирани се 495.803 граѓани, информира Министерство за здравство.
Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 67% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 63% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопштува Министерство за здравство.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата, се наведува во соопштението на МЗ.
Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, апелираат од МЗ.