Откако синоќа се смееше додека демонстрантите извикуваа „убијци, убијци“ за докторите, за кои таа кажа дека лекувале според ковид протоколи за да не сносат одговорност, Гордана Гоџо денеска им се извини преку социјалните мрежи. Таа се правда дека скандирањето „убијци, убијци“ не било за докторите, но сепак, им се извинува, поради тоа што се чувствувале повикани. Во останатиот тек на нејзиното јавно обраќање им се восхитува на медицинарите. За новинарите и медиумите, Гоџо вели дека нема извинување, иако откако ги повика, демонстрантите ги карактеризираа како „платени новинари“.
„Денес на социјалните мрежи ме пресретнаа мојата слика со написи како ‘доктори’ наречени ‘убијци’. Со неверување, затоа што никогаш не би кажала такво нешто, помислив повторно дека се работи за медиумска конструкција со цел нарушување на мојот углед. Сепак, прегледувајќи го видеото со мојот говор, иако јас не сум изговорила такви зборови, забележав дека на мојот говор во моментот кога ги спомнав докторите, публиката меѓу другото ги извикувала и зборовите ‘убијци’, поради што дел од јавноста разбрала дека истите се однесуваат на докторите, а не на оние кои дадоа повод за овие протести.. Затоа, јавно сакам да се извинам на целата јавност и пред сè на докторите кои се чувствуваат повикани во конкретната снимка и да кажам дека иако во такви околности скоро невозможно е да се контролира публиката, сепак чувствувам морална одговорност да го сторам ова. Доколку овие зборови во тој момент ги разберев во контекст како што ги пренесоа ‘независните’медиуми, мојата реплика за публиката би била следната: „Ги разбирам вашите фрустрации затоа што после 4-5 месеци откако почна вакциналната кампања, веќе скоро секој знае за по некој случај со примени дури и две дози на вакцина, да заболи со тешки последици, па дури и смрт. Но, официјалната реторика и официјалниот став на струката за овие случаи е дека без никаков сомнеж, не се поврзани со вакцината!
Како?… Кога самиот производител ги наведува истите состојби како нус-појави? Како?.. Кога причината за смрт е утврдена без аутопсија? …Милион прашања на луѓето, без ниту еден одговор од струката без политиката. Но, „убиец“? Не може да биде убиец некој што секојдневно минува низ агонијата на болните. Докторите се тие кои секоја животна приказна со која ќе се сретнат треба да ја внесат во својот живот и да продолжат со неа. Не е фер и неблагодарно е сите, заедно со докторите-политиканти, да ги ставиме во ист кош и да ги наречеме „убијци“. Зарем мислите дека тие не се збунети? Зарем мислите дека нив не ги интересира зошто во Македонија има најголема смртност? Зарем мислите дека тие после секој смртен случај не си го поставуваат прашањето: „А дали можев да направам нешто повеќе за да го спасам?“ Зарем знаеме дека не преземаат ништо во врска со ова, па да ги обвиниме?“, пишува Гоџо.
Во натамошниот тек на објавата, повикува граѓаните гневот да го насочат кон политиката поддржана од медиумите, бидејќи според неа, ја презела улогата на вистинските доктори.
„Па, благодарение на огромниот број на доктори кои излегуваат од темниот лавиринт во кој ги стави политиката. ние денес сме овде, свесни за сето ова што ни се случува. Токму доктори се тие што ни ги отвораат очите! Како инаку ние ќе разберевме? Зарем тој доктор бил „убиец“ пред да проговори јавно? Бесот кој ни го наметнаа политичарите е преголем, но тоа не треба да нè сврти еден против друг. Тоа е нивната цел. Напротив, тоа треба да нè сплоти. Јас ги повикав докторите затоа што нам ни е потребно да ги слушнеме нив. Оние што во прва линија лечат пациенти. Каде се? Затоа, да им порачаме на докторите кои спасуваат човечки живот дека сакаме да бидат поблиску до нас, а не политиката да зборува во нивно име. Да ги охрабриме јасно и гласно да ги поставуваат прашањата кои се од интерес на луѓето, зошто како што им ги доваруваме нашите последни моменти од животот, така и надежта ја ставаме во нивни раце!… Ова е мојата јасна мисла за докторите“, додава Гоџо.
За разлика од тврдењето дека скандирањето „убијци, убијци“ кое дојде откако ги повика докторите сред протест, за новинарите кои беа наречени „платеници“ – нема извинување.
„Но, затоа за медиумите немам никакво извинување. Од целиот мој говор, единствената вест која беа способни да ја прикачат на мојата слика се зборови на публиката кои многупати беа изречени за време на протестот, но секако тие го ‘погодија’ моментот. Секоја чест за нив и нивното независно новинарство“, пишува таа.