Протестот е уставно загарантирано право, но исто такво е и правото на здравје. Мерките кои ги предлагаме се веќе докажано ефикасни, а вакцинацијата единствен начин да се бориме против вирусот се вели во реакцијата на Министерот за здравство Венко филипче по денешниот протест против мерките што ги воведе Владата и почнуваат да важат од утре.
Филипче вели дека ако претходно за ефикасноста на вакцините сме се информирале од другите земји и од медицинските студии, во последниов перид како што посочува можеме да се увериме во ефикасноста на вакцините и кај нас.
– И покрај овие цврсти аргументи про вакцинацијата, таа останува доброволна. Секој кој се обидува да прикаже дека се врши наводна присилна вакцинација ја манипулира јавноста. Никој не е присилен на ништо, обврска на државата е да го штити јавното здравје и да носи мерки. Јас разбирам дека се уште има страв и двоумење кај одреден дел од граѓаните и тоа воопшто не е за осуда. Покрај заштита на здравјето, наша должност како Влада е да ги информираме граѓаните за придобивките од вакцинацијата и тоа ќе продолжиме да го правиме. Би сакал да им се обратам на оние кои се уште се двоумат или одбиваат да се вакцинираат. Верувајте им на стручните лица и вашите доктори, но и на вашите блиски кои имале искуство со Ковид 19. Заболувањето носи голем ризик, а вакцините го намалуваат тој ризик и до 20 пати. Разговарајте со луѓе кои за жал вирусот го поминале тешко, нека ви го раскажат искуството. Разговарајте со неколку доктори, медицински сестри во болницата каде живеете, нека ви споделат неколку приказни од нивното работно секојдневие, се вели во реакцијата на Филипче.
Тој потенцира дека вакцинацијата е единствен начин да се вратиме во нормала.
-Ги гледам англиските фудбалски мечеви кои оваа сезона се играат пред полни трибини исто како пред пандемијата. Тоа е така затоа што процентот на вакцинирани граѓани во Велика Британија е многу висок. Иако таму има висок број заразени, многу малку се хоспитализирани и тоа е целата поента на вакицнацијата. Колективниот имунитет ќе ја намали опасноста од преполнување на болниците и ризикот од тешка форма на болеста. Со тоа, ние веќе ќе се вратиме во нормала. На многу места во Европа веќе е секојдневие да се бара ковид серитификат за влез на различни масовни настани или во угостителски објекти. Тоа никој не го смета за дискриминација, туку одговорност и заштита на јавното здравје. Верувам дека никој не сака, ова да трае вечно. Иако новите соеви носат неизвесност, сепак искуствата од земјите каде има висок процент на вакцинирани лица потврдува дека вакцините се ефикасни и за новите соеви. Друго оружје против вирусот немаме и силно верувам дека сите ова ќе го разберат што поскоро, за да можеме да ја вратиме слободата и да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските, вели министерот за здравство.