Членовите на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ потврдиле околу 40 кандидати за градоначалници на престојните локални избори, дознава „А1он“. Дел од нив ќе се кандидати во скопските општини и се имиња кои „А1он“ ги објави пред два дена. Покрај тие, потврдени се кандидати и за Велес, Штип, Неготино, Прилеп, Охрид.
Прв меѓу потврдените е Кирил Пецаков кој е кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид. Во периодот од 2009 до 2013 година, тој бил и советник во градот. Во ВМРО-ДПМНЕ извршувал повеќе функции, како претседател на Унијата на млади сили. Во 2017 година беше избран и за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ-Охрид. По професија е стоматолог. Негов противкандидат од СДСМ, ќе биде актуелниот градоначалник Константин Георгиески, специјалист за интерна медицина. Јавноста го памети како градоначалник кој прв го започна уривањето на бесправните градби на охридското крајбрежје, но и како прв човек на Охрид кој дозволи изградба на дивоградбата кај Чинарот и бетонската база на околу 50 метри од езеро, сопственост на екссоветникот Нефи Усеини.
Во Велес, ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори ќе го кандидира Марко Колев, по потврдата и од членовите на Централниот комитет. Станува збор за дипломиран професор по географија, ексдиректор на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. Тој е долгогодишен член на партијата. Од СДСМ, сеуште нема информација со кој кандидат ќе се борат за власта во Велес, а со оглед дека актуелниот градоначалник кој со градот владее три мандати, најави дека нема да се кандидира повторно.
Актуелниот пратеник до ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов е потврден кандидат за градоначалник на Штип. Тој е претседател на Општинскиот комитет на партијата. Јорданов е жесток критичар на актуелната власт. Од СДСМ, кандидат ќе биде актуелниот градоначалник Сашко Николов, кој е интервентен кардиолог во Штипската клиничка болница.
Потврден е и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп. Членовите на партиското тело одлучиле Борче Јовчески да се бори за локалната власт на изборите. Јовчески е актуелен советник во Советот на Општина Прилеп, а по професија е специјалист по ортопедија. Од СДСМ сеуште нема потврден кандидат, иако неофицијално, се зборува дека тоа ќе е поранешниот министер за транспорт и врски и ексдиректор на Царинската управа, Горан Сугарески.
За Неготино, Централниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ потврдило дека кандидат ќе биде Горан Стојков.
На состанокот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, потврдени се и четири кандидати за поголемите скопски општини. Како што објави „А1он“, Александар Стојкоски ќе е кандидат за Ѓорче Петров, историчарката Наташа Котлар ќе е кандидат за Општина Центар, Боби Стевковски за Гази Баба, Орце Георгиевски за Кисела Вода. Засега, не се потврдени кандидатите за Општина Карпош, но и Град Скопје. Официјална потврда засега нема од ВМРО-ДПМНЕ.