Командантот на скопската противпожарна единица, Владимир Симоновски не е на одмор како што се шпекулира на социјалните мрежи. Тој од завчера е вратен на работа, со самото прогласување на кризна состојба. Симоновски за „А1он“ вели дека тргнал на одмор кога состојбата била смирена и потенцира дека ако знаел дека ќе има огромни пожари, сигурно немало ни да тргне.
„Завчера со самото пристигнување на пораките дека ќе се прогласи кризна состојба, јас се упатив накај Скопје. Сликите кои се објавуваат од викендот. Кога видов каква е состојбата во државата, веднаш го прекинав одморот и се вратив. Дури и во тој момент, сите пожари беа надвор од територијата на Скопје, каде што јас сум командант. Воедно, јас имам и заменик-командант кој има целосни ингенренции додека јас сум на одмор. По 25 години стаж, сигурно не би направил такво нешто, да бидам и останам на одмор додека гори насекаде“, вели Симоновски за „А1он“.
Командантот Симоновски вели дека со самото враќање во Скопје веднаш почнал на работа. Тој вели дека ниту во изминатата година не користел одмор.
„Јас не сум користел одмор од 2019 година, кога искористив само пет работни дена. Минатата година, кога и замениците команданти беа заразни со корона, исто така не заминав на одмор. Сега, го прекинав веднаш штом ја видов состојбата со пожарите“, додава Симоновски.