И покрај сомневањата дали ја говори вистината, судијата Илија Трпков му поверува на сведокот Александар Василевски-Нинџа во случајот за организаторите на 27 април. Ова е втор предмет кој го суди Трпков, а каде сведочи Василевски-Нинџа по предлог на Обвинителството, за докажување на вина на обвинети. Неговиот исказ претходно беше клучен и во предметот „Ровер“, а каде на исти начин, со исти објаснувања, детали и раскажувања го увери судот дека обвинетите се виновни за убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи во Скопје. Но, Апелација за овој предмет двапати ја укина пресудата.
Седум години подоцна, Василевски-Нинџа се појави и како единствен сведок кој видел како Миле Јанакиески и Спиро Ристовски издавале наредби на пратениците од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април. Заедничко за двата случаи е што судијата Трпков му верува, но и дека никој не го видел Василевски-Нинџа во критичните моменти за кој сведочеше, ниту тој имаше докази со кои можеше да потврди дека бил на местата каде тврдеше дека биле присутни обвинетите.
Нема докази ниту сведоци дека Василевски-Нинџа бил во ВМРО-ДПМНЕ во моментите кога се случи упадот во Собранието
Судијата Трпков, кога соопшти дека покрај колебањето решил да му верува на Василевски-Нинџа, посочи дека исказот кој го дал сведокот е поткрепен со докази. Всушност, станува збор за СМС-пораките кои ги испраќале Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, против кои сведочеше Василевски-Нинџа. Но, овие докази беа во списите на предметот за извршителите на крвавите инциденти на 27 април, случај во кој обвинет беше и Василевски-Нинџа. Тој имал увид во предметот, а Обвинителството било должно да му ги приложи доказите со кои располага. Па така, можел да види и каква комуникација е прибавена од вештачењето на телефоните.
„Ваквите пораки се во корелација со исказите на сведоците Александар Василевски-Нинџа, Стефан Младеновски и Михаил Младеновски за кои одбраната пред судот сакаше да покаже дека се лажни и се обиде да ги дискредитира. Судот во текот на постапката од изведените докази, како вербални така и материјални, се обидуваше во правилна мера да го процени исказот на сведокот Александар Василевски-Нинџа во смисла дали да му поклони верба или не“, рече Трпков.
Како причина дека треба да му се верува на сведокот, судијата Трпков за аргумент го посочи и тоа што Апелација веќе му верувала на Василевски-Нинџа кога сведочеше во првиот предмет за 27 април, односно, за извршителите на крвавите инциденти. Во тој предмет, Василевски-Нинџа сведочеше против обвинетите кои сега се осудени за извршени напади врз пратеници, полицајци, новинари. Во тој предмет, не се ценеше исказот на Василевски-Нинџа за неговото тврдење дека присуствувал во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, од каде се издавале наредби.
„Во оваа смисла судот смета дека е важно што и Апелациониот суд прифаќа за утврдено дека осудениот Александар Василевски-Нинџа го мобилизирал членството од Скопје и други градови за насилен упад во Собранието, однапред знаејќи дека објектот на Собранието не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили…“, рече Трпков кога ја изрече пресудата.
Судијата се повика на одлуката од Апелација за првиот предмет за 27 април во моментот кога одлучи да му верува на сведокот, иако на едно од судењата кажа предметот за организаторите и одлуката на второстепениот суд за извршителите, не можат да се поврзуваат.
„Судот му укажува на бранителот дека постапката во Апелација нема никаква врска со оваа наша постапка…“, рече Трпков, откако адвокатот Еленко Миланов за време на рочиштето посочи дека се сомнева во исказот на Василевски-Нинџа бидејќи со него си обезбедил најмала казна: „Овој предлог го сметам за соодветен и нема да влијае на постапката, а по произнесувањето на еден од бранителите на овој сведок на јавната седница на Апелација, кој наведе дека по инсистирање и барање на неговиот клиент , сега сведокот Александар Василевски, истакна дека истиот бил во преговори да добие статус соработник на правдата. Откако не му било удоволено, и бил внесен во постапката, преговарал за поволности во однос на неговата улога и казна“.
Верба дека Василевски-Нинџа навистина бил во ВМРО-ДПМНЕ на осмиот каде ги видел Миле Јанакиески и Спиро Ристовски како давале наредби, судијата одлучи да даде и покрај вештачењето на вештакот Мирослав Котевски. Со него, одбраната на обвинетите докажа дека ниту еден од телефоните кои ги користел Василевски-Нинџа не биле поврзани на базната станица ВМРО, на која се конектираат уредите кои се во седиштето на партијата.
„Првпат и единствен пат на базната станица на ВМРО е прикачен во 22:18 минути на 27 април. Во 22:53 се регистрира бројот на базната станица на ССМ“, рече вештакот Мирослав Котевски на рочиштето на 22 декември 2020 година.
За неговото влегување или излегување од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, не беа приложени ниту снимки од камерите поставени во партијата, ниту пак други фотографии и докази од кои се гледа дека навистина бил таму во критичниот период.
Василевски-Нинџа во „Ровер“ со претпоставки обвинуваше и во „Ровер“
Василевски-Нинџа беше сведок и во друг предмет кој го судеше Илија Трпков, а тоа е „Ровер“. По 12 години молчење, Василевски-Нинџа во 2013 година кажа дека решил да зборува за двократното убиство. И тогаш, како и за 27 април, во детали го опишуваше местото, но и преземените дејствија, кажаните зборови. Василевски-Нинџа за „Ровер“ со претпоставки тврдеше дека ексминистерот Љубе Бошковски е нарачател, додека неговиот обезбедувач Зоран Трајковски е организатор на убиството. Судијата и тогаш исказот му го зема за вистинит и изрече долгогодишни затворски казни. Во овој случај Василевски-Нинџа беше единствениот сведок против Зоран Трајковски кој беше шеф на обезбедување на тогашниот министер Љубе Бошковски. Како сведок во случајот, Василевски-Нинџа кажа дека директни сознанија нема, но претпоставува дека Бошковски нарачал, а Трајковски го организирал убиството. Апелација двапати ја укинуваше пресудата, по што втората стана и правосилна. Медиумите кои известуваа за „Ровер“ го условуваа сведокот со „контроверзниот“ Александар Василевски-Нинџа, бидејќи на судењето беше спроведен од притвор, бидејќи беше обвинет во други два предмети.
По осум денови од сведочењето во „Ровер“, Василевски-Нинџа беше обвинет за напад врз клучниот сведок во случајот „Детонатор“. Тој беше обвинет за обид за убиство, а по два месеци, Обвинителството го преквалификуваше делото за кое се гони во нанесување на тешка телесна повреда. По 22 дена по неговото сведочење во „Ровер“ беше осуден на 10 месеци затвор.
Александар Василевски-Нинџа, клучен сведок во „Ровер“ и „Организатори на 27 април“ го има и во досиејата на полицијата и судот. Во двата случаи, одбраната и обвинетите ова го посочуваа на судот како еден од главните аргументи.