На партиски собири дел од членството на актуелната директорка на Инфективната клинка, Милена Стевановиќ, веќе ѝ се обраќа со „градоначалничке“, брифираат партиски извори од СДСМ. Таа е еден од кандидатите на СДСМ, кој бара партиска поддршка за градоначалник на општина Центар. Официјално, кандидат за градоначалник на општина Центар од СДСМ не е избран, а партиски извори за „А1он“ велат дека голем удел во одолжувањето има кандидатурата токму на директорката Стевановиќ оти се правеле пресметки дали евентуален нов бран на коронавирусот пред изборите со неа како кандидат за градоначалник нема да значи однапред изгубена битка поради ризикот граѓаните да ја осудат за напуштањето на директорската функција во кризно време за да стане градоначалничка.
Директорката Стевановиќ не одговори на прашањата од „А1он“ за тоа што било пресудно да прифати партиска градоначалничка кандидатура и дали смета оти ќе направи повеќе за граѓаните како градоначалничка отколку како директорка на Инфективната клинка.
Директорката Стевановиќ во понеделникот, како членка на извршниот одбор на СДСМ ја предводеше делегацијата која положи свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, пред споменикот на АСНОМ во паркот Жена – Борец и пред споменикот на Никола Карев во Скопје. Партиски извори велат дека ова бил начин за нејзина промоција во јавноста.
Според партиски извори, нејзиното име повторно избило блиску до врвот на листата со фаворизирани кандидати за градоначалници на Центар. Минатиот месец, според партиските анкети, Стевановиќ не се најде во првите тројца кога, според извори од СДСМ, тројцата кандидати со најголема доверба беа сегашниот градоначалник Саша Богдановиќ, директорот на Државниот завод за индустриска сопственост и претседател на општинската организација на СДСМ Центар, Горан Герасимовски, и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова.
Следуваше период во кој партиски извори брифираа дека во партијата се топи поддршката за Богдановиќ и дека гласовите почнале да се прелеваат кај Герасимовски и Сотирва-Бухова, но како се доближува времето за конечен избор, повторно поддршка почнала да добива директорката Стевановиќ.
Откако во јули го потврди Петре Шилегов како кандидат за Скопје и соопшти 30 кандидати за градоначалници предложени од СДСМ, пред пет дена премиерот Зоран Заев соопшти уште петмина кандидати, но во оваа втора фаза од партискиот избор не се најде Центар. Премиерот Заев најави дека целосната листа на кандидати што ќе бидат предложени за градоначалници од СДСМ ќе биде комплетирана најдоцна до крајот на август.
За два дена, на 6 август, претседателот на Собранието, Талат Џафери, според последниот меѓупартиски договор, треба да ги распише изборите. Првиот круг од гласањето ќе биде на 17 октомври.