Сончево и многу топло, портокалово ниво на опасност од високи температури

Од:

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 34 до 42 степени и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. УВ индексот ќе изнесува 9.

Во Скопје и околината сончево и многу топло со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од западен правец. Максималната температура ќе достигне до 39 степени.

Утре ќе се задржи стабилно и многу топло време и ќе дува засилен, повремено силен, јужен ветер. Одново ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. Во вечерните часови, во текот на ноќта и в петок ќе има зголемување на облачноста и услови за локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурата ќе се намали за 3 до 5 степени.

Министерството за здравство вчера соопшти дека денеска и утре целата територија на државата ќе биде зафатена со температури од портокалова (алертна) фаза, па согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, потребно е да се почитуваат општите мерки за заштита на здравјето.

Мерките опфаќаат ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, вклучувајќи ги бремените жени и лицата на возраст над 60 години, во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот, единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.

– Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, потсетуваат од Министерството.

Населението треба да остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка, да се носи светла и лесна облека. При директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крем со висок заштитен фактор, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, како и да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри и на хронично болните лица им се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката, информираат од Министерството и посочуваат дека Комисијата за следење на ефектите од високите температури во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури.

Би можело да ве интересира

Шеснаесет решенија за забрана за работа за непочитување на препораките за заштита од топлотниот бран

Портокалово ниво на опасност од високи температури, денеска до 41 степен

Катерина Ѓуровски

Нов пеколен бран, портокалов аларм, во сила се мерките за заштита

Владата со итни мерки поради топлотниот бран

Горан Наумовски

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Највисоки температури измерени во Велес и Демир Капија, портокалова фаза до крајот на седмицата