Скутерите почнаа да прават проблеми и на охридскиот дел од езеро. Во текот на вчерашниот ден на плажата Потпеш имало нарушување на безбедноста од страна на еден скутер. Нарушување на безбедноста со скутери како што информираат од Црвениот крст од Охрид редовно имало и на плажата Славија. Како што не информираа од езерската полиција преземени се мерки против лицата кои го прават тоа.
„Ние правиме записници и сето тоа се доставува до надлежните органи. Речиси тоа се истите лица кои постојано ги прават овие проблеми, како и лицата кои ги издаваат скутерите се истите. Она што е најважно е дека скутер не смее да се издава на лице кое нема дозвола за пловење. Скутери се издаваат на малолетни лица и ние на тоа сме постојани сведоци. Скутери не можат да се издаваат и без заштитни елеци“, изјави Сашо Точков претседател на Црвен крст од Охрид.
Од полицијата најавија дека и понатаму ќе продолжат контролите долж целото езерско крајбрежје на тим од полиција, езерска полиција и капетанија.
„Претставници на сите надлежни институции на средбата која се одржа во Охрид ги договорија идните мерки и чекори во однос на сузбивање на оваа појава. Се поздрави одлуката да се патролира со полициски и со цивилни пловни објекти по брегот на езерото. Се поддржа иницијативата и понатаму тимски да се делува. Веќе се изготвува план за делување по простор и по време. Таквите патроли ќе се изведуваат и со цивилни пловни објекти како би се оневозможило навремено согледување на полициско означено пловно возило од страна на оние кои управуваат скутер во безбедносната зона и да ги одбегнат мерките на полицијата. До сега еден скутер е одземен“, рече Стефан Димовски од СВР Охрид.
Во Охридското езеро се регистрирани 1.150 пловни објекти од кои 53 се скутери, 134 глисери и 22 мали бродови.