Знам дека ова време се најтешките години од независноста до денес, но сетете се колку им било тешко на грамадните Илинденци да кренат востание против најголемата империја, и асномците да се борат против дотогаш најголемата воена сила некогаш позната во човештвото, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Срамно е што за прв пат во триесет години независност ја променија прославата за Илинден. На Мечкин Камен нема говор, едно затоа што немаат што да кажат, друго затоа што се плашат од народот кој ќе им каже што мисли за нивното владеење. Стево Пендаровски не може да биде точката на обединување, тој е точката на разделување. Зошто е точката на разделување? Затоа што човекот фати страна и реши да молчи тогаш кога требаше да биде гласен. Кога имаше изборни фалсификати, кога требаше да се спротивстави на лошите закони, кога Заев си договараше промени на сметка на идентитетот. Јас не би бил искрен, и ќе го разочарав народот ако денес бев заедно со нив, и би послужил на таквиот декор, а тие вечер ќе си продолжеа со нивниот традиционален криминал. Одбрав да бидам тука меѓу вас во Ташмаруништа, меѓу народот, рече тој.
Тој го нараче „мини шенгенот“ гума за спасување на Заев, која е доказ „колку државава тапка во место, и колку имаме неуспешна влада“.
„А уште е понепријатно кога ќе го видите премиерот на сопствената земја во друштво на мојот пријател Вучиќ и Рама како се труди да најде барем еден проект во главниот град за да се пофали дека нешто сработил, нешто изградил изминативе 4 години, а всушност ги фали проектите на владите на ВМРО-ДПМНЕ. Навистина е тешко да се гледа туѓиот срам. На човек му доаѓа да се срами од туѓиот срам“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека Македонија има иднина, во новата генерација политичари „со која ќе се извади државата од бездната во која оваа власт ја втурна“.
„Спорот со Бугарија не е натпревар на 100 метри, ниту тезга за некаков бостан, тоа е она што сме, нашиот идентитет, огледало и битие. Во тој идентитет се содржани и илинденската епопеја, и Рацин, и Мисирков, и нашите најубави поеми, литература и уметничко творештво“, рече тој.