Август во Кинотеката со програма за „музичките гурмани“

Од:

„Музика, музика и само музика!“, гласеше слоганот на емисијата на едно скопско радио пред неколку децении. Меѓутоа, дали музиката е „само“ музика?, прашуваат од Кинотеката и ја најавуваат августовската програма како уживање за „музичките „гурмани“. Како што посочуваат од Кинотеката, по трилогијата на неми филмови на пионерот на украинскиот филм (од ерата на СССР) Александар Довженко (Alexander Dovzhenko) – ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА – кои се на програмата на 13, 14 и 16 август, следува вистинска звучна експлозија на големото платно во дворот на Кинотеката.

-Документарниот филм „Нов бран – 40 години подоцна“ (Novi val – 40 godina kasnije / New wave – 40 years later) на 17.август (вторник), во 20:00 часот, ќе го означи почетокот на деновите на „Кроација рекордс (Croatia Records)“ во нашата Кинотека, и е своевиден вовед во тематскиот блок од неколку документарци кои се занимаваат со феноменот на „музичкиот земјотрес“ по кој звучните слики на Љубљана, Загреб и Белград (делумно и Скопје) веќе никогаш не беа исти, информираат оттаму.

По проекцијата на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“, на летната сцена на Кинотеката, Никола Кнежевиќ, заедно со Иван Беќковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“, ќе одржат трибина на која ќе зборуваат за значењето на „новиот бран“ на овие простори и ќе се обидат да одговорат на прашањето зошто интересот на публиката за овој феномен не се намалува и по 40 години.

-Музиката не е секогаш само музика, и „новиот бран“ тоа го докажа. Кога панкот го стресе Британскиот остров во 1977 година, неговите жанровски „деривати“ – да бидеме малку политички некоретни – ја „заразија“ Европа како „корона вирус“. „Новиот бран“ на просторите на поранешна Југославија навидум беше музика од „подземјето“, без гламурот на поп-рок „патувачките земјотреси“ на Здравко Чолиќ и „овчарскиот рок“ на Горан Бреговиќ. Но, колку што едно „Бијело дугме“ беше бунт на генерацијата од 70-ите, толку „новиот бран“ ја отсликуваше сировата и суровата енергија на генерациите од 80-ите кои, свесно или не, ја насетуваа катастрофата што ќе ја „збрише“ општествената идила, која се огледуваше во сликата на „слатката“ поп-музика, низ рефрените на евровизиските песнички на Даниел Поповиќ и групата „Рива“. Парадоксот да биде поголем, токму откако „Рива“ го имаше големиот успех на „Евросонг“ 1989, следната година (1990) европскиот музички натпревар се одржа во Загреб, а веќе во 1991 – СФРЈ веќе не постоеше, велат од Кинотеката.

-Дали „новиот бран“ беше „бунт од кеиф“ или „кеиф за бунт“? Тие години, непосредно пред распадот на СФРЈ, Бреговиќ го ангажираше и стариот револуционер и партизан Светозар Вукмановиќ – Темпо да ја пее „Паѓај сило и неправдо“ („Padaj silo i nepravdo“) од албумот „Плукни и запеј, моја Југославијо“ („Pljuni i zapjevaj, moja Jugoslavijo“) од 1986 година. Слушавме како пејат дека „кој не ја слуша песната, ќе ја слуша бурата“ („ko ne sluša pjesmu, slušaće oluju“), но веќе седум-осум години претходно – љубљанските, загрепските и белградските бендови од „новиот бран“ пророчки ги навестија годините на трулежот и распадот на тогашната заедничка држава…Но, дали беа доволно слушнати?, додаваат оттаму.

Филмофилите и фановите на „новиот бран“ ќе имаат можност да го проверат тоа во неколку „рокументарци“. На програмата се НЕБЕСНА ТЕМА (Nebeska tema / Celestial Theme) на Младен Матичевиќ (Mladen Matičević), СРЕЌНО ДЕТЕ(Sretno dijete / Happy child) на Игор Мирковиќ (Igor Mirković), МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 2: ПЛУКНИ Ѝ НА ВИСТИНАТА В ОЧИ (Glasba je časovna umetnost 2, LP film Buldožer – Pljuni istini u oči / Music Is the Art of Time 2, LP film Buldozer – Spit The Truth In The Eye)на Варја Мочник (Varja Močnik), МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 1: ЛП ФИЛМ ПАНКРТИ „ДОЛГЦАЈТ“ (Glasba je časovna umetnost 1: LP film Pankrti – Dolgcajt / Music Is the Art of Time 1: LP Film Pankrti – Boredom/No Fun) и МУЗИКАТА Е УМЕТНОСТ НА ВРЕМЕТО 3: „ЛАЈБАХ“ (Glasba je časovna umetnost 3, LP film Laibach / Music is the Art of Time 3, LP film Laibach) на Игор Зупе (Igor Zupe). Последниве три документарни филмови Кинотеката ги прикажува во соработка со амбасадата на Република Словенија во Скопје.

Блокот со музичките документарци продолжуваме со 55-ТО ИЗДАНИЕВО ЖИВО: НОВ СВЕТСКИ (НЕ)ПОРЕДОК: ЕКО-ВОЗНЕМИРЕНОСТ И МИГРАЦИЈА (Live Soundtrack 55 – New world (dis)order: Eco-anxiety and migrations), а потсетуваме и на традиционалната чалгаџиска музика со документарецот КЕИФ – МАКЕДОНСКА ЧАЛГИСКА ТРАДИЦИЈА (Keif – Macedonian chalgia tradition) на Блаже Дулев.

-Што бараат чалгии, ќе прашате, меѓу острите гитарски рифови на „новобрановците“? Македонската чалгија во филмот на Дулев (сценарио на Ристо Солунчев) претставува основа и структура за многу современи музички форми: карактеристичен феномен што го спојува фолклорот со музичката традиција, односно со византиската црковна музика и со класичната отоманска во еднo, кореспондирајќи со осмогласието и макамскиот систем.Филмот го следи развојот на чалгијата во Македонија, западните влијанија, резултатите од оваа синтеза и нејзиното појавување во денешниот контекст. Нема бунт без традиција, а нема ниту традиција без кеиф…, се наведува во соопштението.

Две вечери на крајот на август во Кинотеката се резервирани за летното издание на СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ, фестивалот на музички документарци…(  Целосна програма ТУКА) .

Би можело да ве интересира

Кинотеката ќе прикаже три филма со Марлон Брандо по повод еден век од неговото раѓање

Кинотека во рамки на проектот Сезона на филмски класици ќе го реставрира Мис Стон

Предраг Петровиќ

„Мојот последен здив“ – промоција на автобиографијата на Луис Буњуел во Кинотека

Ана Ололовска

„Кино за млади“ во Кинотеката

Недела на италијанската кенематографија во Кинотека

Ана Ололовска

Анимирани и филмови за тинејџери во Кинотеката

Ана Ололовска