Поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од кривичен прогон во Македонија и има добиено азил во Унгарија, регистрирал фирма со широка деловна активност во гратче во близина на Будимпешта, пишува Дојче веле.
Според документи објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, како што се наведува, лицето Никола Груевски, роден на 31 август 1970 година од мајка Надежда Мијалкова, побарал и добил одобрение да почне бизнис со фирма чие седиште е во местото Пецел. Од увидот во документите, може да се прочита дека Друштвото со ограничена одговорност на Груевски планира широки бизнис активности во најмалку десет различни сектори.
Согласно унгарските закони, фирмата ќе може да врши трговија на големо со порцелан и стакларија, како и со средства за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; како и со други разновидни стоки. Ќе може да се занимава и со активности во сферата на управување со имоти, во бизнис менаџмент, комуникации со јавност, рекламирање, во истражувања на пазари и испитување на јавно мислење, како и во организација на конференции и трговски саеми.
Регистрацијата на фирмата го чинела Груевски три милиони унгарски форинти или 8.350 евра. Тој не приложи лична адреса во Унгарија, туку ја навел адресата на неговиот адвокат во Будимпешта.
Извори на Дојче веле во Унгарија, како што се наведува, објаснуваат дека „веројатно Груевски сакал од безбедносни причини неговата домашна адреса во земјата, во која избега во ноември 2018 година, да остане тајна. Но затоа, немал проблем како втора адреса за комуникација да ја наведе онаа во Скопје, на улицата Павел Шатев број 3 во Кисела Вода, од каде што се упати во бегство до Унгарија“.