Јавни презентации на професорките Сасен и Дескова во Музејот на современата уметност – Скопје

Од:

Вечерва, во 20 часот, на тремот од Музејот на современата уметност – Скопје, во рамките на јавна програма со наслов „Утописки урбанизам и глобален град“ предавања ќе одржат Саскија Сасен, професорка по социологија на Универзитетот Колумбија во САД и Ана Ивановска Дескова, професорка на Архитектонски факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Предавањата, не случајно се одржуваат на денот кога се случи катастрофалниот скопски земјотрес на 26 јули во 1963 година, преку програма посветена на визионерските пристапи во архитектурата и урбаните студии, токму во Музејот на современата уметност – Скопје, кој е резултат и симбол на солидарноста.

Програмата ќе се заокружи со промоција на каталогот за „Скопје, одново“, кој вклучува текстови на Мира Гаќина, Кејт Мери Барнс, Кумјана Новакова, Ана Кац, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков и Љубица Спасковска.

Оваа програма е практично заокружување на проектот „Скопје, одново“, кој во 2019 година со изложба, која во фокусот го стави процесот на основањето на музејот и неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен акцент на американските уметници, беше реализирана во организација на Музеј на современата уметност – Скопје и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија. Кураторки на изложбата беа Ана Кац од Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА и Кумјана Новакова од МСУ – Скопје.

Презентaцијата на проф. Саскија Сасен ќе се фокусира на концептите на утопистичкиот урбанизам и глобалниот град, додека предавањето на проф. Ана Ивановска Дескова ќе се однесува на проектот на солидарноста и неговото значење за Скопје.

Саскија Сасен преку своите истражувачки и авторски проекти се фокусира на глобализацијата (вклучувајќи ги социјалните, економските и политичките димензии), имиграцијата, глобалните градови (вклучувајќи ги градовите и тероризмот), новите мрежни технологии и промените во рамките на либералната држава, кои произлегуваат од сегашните транснационални услови. Во своето истражување таа се фокусира на неочекуваното и контраинтуитивното како начин за дисрупција на утврдените „вистини“. Нејзините три значајни книги се обидуваат да ја уништат клучната утврдена „вистина“.

Истражувачкиот интерес на Ана Ивановска Дескова е насочен кон модерната архитектура во Скопје, особено неговата постземјотресна обнова. Во рамките на неформалната архитектонска група СКАРС (Студио за современа архитектура – Скопје) таа учествува на бројни локални и меѓународни архитектонски конкурси. Автор е на бројни истражувачки проекти и архитектонски изложби (Навраќање на постземјотресната обнова на Скопје, Биографија на едно архитектонско дело – Телекомуникациски центар во Скопје, Скопските вертикали, Загрозени видови, Иднината како проект: Доксијадис во Скопје итн.). Во 2008 и 2014 година е дел од авторските тимови кои ја претставуваат Република Македонија на Венециското биенале на архитектура. Во периодот 2015-2018 учествува во подготовката на изложбата „Кон вистинската утопија: Архитектурата во Југославија 1948-80“ како член на кураторското советодавно тело.

Во моментов работи како вонреден професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде предава Историја на модерната архитектура и Заштита на градителско наследство.

Би можело да ве интересира

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Директорката на Музејот на современа уметност се повлекува од функцијата

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Се отвора изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во Музејот на современата уметност – Скопје

Музејот на современата уметност со еколошки проект кон зачувување на здравата животна средина

Голема изложба на Музејот на современата уметност во Виена