Со државни пари, министерот за надворешни работи Бујар Османи почна да ја реализира зелената партиска политика на ДУИ. Денес на „Фејсбук“ се пофали дека за вработените во Министерството се набавени електрични тротинети за да дадат пример за одговорно однесување кон животната средина и проблемот со аерозагадувањето.
Од кабинетот на министерот за „А1он“ велат дека за тротинетите имале оглас, но не одговорија кој ја донел одлуката за набавката.
„Во рамки на најновиот проект на МНР ’Зелена дипломатија-новото нормално’ се набавени 5 електрични тротинети и 6 кациги, со вкупна вреност од 141 500 ден, без ДДВ, согласно законските прописи за јавна набавка, а се платени со средства од буџетот на министерството. На огласот се пријавија неколку фирми, меѓу кои Трговско Друштво за вработување на инвалидни лица-Заштитно друштво за производство, трговија и услуги Филаделфија ДООЕЛ Кочани достави најниска понуда и истата го доби изборот. Електричните тротинети се наменети за службена потреба на сите вработени во МНР, кабинетот на министерот и министерот“, велат од МНР за „А1он“ и нагалсуваат дека идејата е на самото Министерство со цел приклучување кон современите трендови за заштитна на животната средина, одржливоста, но и зголемување на ефикасноста на работата.
Министерството утврдило дека деведесет отсто од институциите со кои соработуваат им се на оддалеченост од еден до два километри, па затоа одлучиле за овие релации да набават тротинети иако во останатите министерства и институции во државата ваквата релација најчесто се минува пеш.
„Практичноста од употребата на ваков тип на превозни средства се добива со едноставен преглед на локациите на државните институции, при што веднаш се забележува дека во дијаметар од 1-2 километри се наоѓаат 90% од нив, кои секојдневно се упатени на соработка, состаноци и координации. Тргнувајќи од овие факти, за вакви секојдневни кратки дестинации, треба да се обидеме, колку можеме повеќе и колку ни дозволуваат околностите, да се користи велосипед, електричен тротинет. Преку вакви примери, си помагаме себе си, ќе им ослободиме простор на другите, ќе ѝ помогнеме на околината и на природата, за да имаме почиста животна средина“, објаснија од Министерството.
На почетокот на минатиот месец ДУИ го прослави 19 роденден и најави “Зелена агенда“, односно прифаќање нови зелени политики за подобрување на животната срдина во земјата, а министерот Османи денес набавката на тротинетите ја нарече симболичен гест со кој почнуваат промоција на проектот „Зелена дипломатија – новото нормално“, кој ќе се одвива во неколку фази.