Повторно двоцифрен бројот на новозаболени од Ковид-19. Нови 37 случаи беа регистрирани вчера, најголем дел од нив се во Тетово и Скопје. Надлежните апелираат граѓаните масовно да се вакцинираат, а од утре почнува и пријавување за имунизирање во домашни услови. Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да се направи и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација.
Министерството за здравство вчера објави дека само 96 од 330.320 лица во државава кои примиле две дози од вакцината против Ковид-19 се заразиле со коронавирус. Тоа значи дека само 0,02 отсто од целосно вакцинираните се заразиле со коронавирус, што покажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат, велат од Министерството. Посочуваат дека само 13 од овие случаи завршиле со хоспитализација и дека нема починати меѓу лицата кои примиле две дози од вакцината.
Од Министерството за здравство уверуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација.
Во државата вкупно се аплицирани 818.295 дози вакцини, а ревакцинирани се 330.320 граѓани.
Со последните бројки, 62 отсто од населението над 70 години има примено барем една доза вакцина, 59 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.
Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.
Сајтот „vakcinacija.mk“ е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата.
Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.
Инаку, граѓаните масовно се вакцинираат и во соседна Србија. Во Врање досега се вакцинирани дури 12.006 македонски граѓани со прва доза, а 9.392 со втора доза.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во петокот вакцинирани се 54 македонски државјани со првата доза и 55 лица со втората доза на вакцините на Синофарм и Фајзер.
Во Врање најчесто е аплицирана кинеската вакцина Синофарм.
Во државава вчера беа направени 4.264 тестирања, при што се регистрирани нови 37 случаи на заболени од Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден немаше починати пациенти.
Од новите случаи во Тетово се 13, во Скопје 12, во Велес 3, во Гостивар, во Прилеп и Струмица по 2, Охрид, Свети Николе и во Делчево по 1.
Досега во земјата се направени вкупно 949.011 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.054. Бројката на оздравени пациенти е 150.273, на починати е 5.489. Бројот на активни случаи изнесува 292.
Надлежните остануваат на ставот дека не се потребни дополнителни рестрикции, но во Европа властите се загрижени поради новата делта-варијанта на вирусот и порачуваат до државите да се зајакнат напорите за да се спречи трансмисијата.
Најновите податоци покажуваат дека делта-варијантата на Ковид-19 се шири брзо низ Европа и веќе е најдоминантниот сој во голем дел од регионот.
Според податоците пратени до СЗО Европа и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), меѓу 28 јуни и 11 јули 2021, делта-варијантата била доминантна во повеќето (19 земји) од 28 земји кои регистрираа доволно целосни информации за генетско секвенционирање.
СЗО и ЕЦДЦ ги повикуваат приоритетните групи, постарите, луѓето со хронични болести и здравствените работници да се вакцинираат целосно за да се заштитат себеси, а и луѓето од ранливите категории со кои имаат контакт од заразната болест.
Исто така, се препорачува брза испорака на вакцини до сите групи кои може да се вакцинираат. На места каде делта-варијантата се шири, се препорачува интензивно спроведување на сегашните здравствени мерки, меѓу кои поголем пристап до тестирање, најмногу бидејќи процентот на вакцинирани се уште не е доволно висок во многу земји.
Поради новата мутација на вирусот, вчера грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис ги повика граѓаните задолжително да се вакцинираат, според членот 25 од грчкиот Устав.
Според грчкиот премиер, распространетата делта варијанта на коронавирусот е позаразна од оригиналниот вид, поради што „сега е поважно од кога било порано сите Грци да се вакцинираат“.
Бугарија пак од утре се затвора за патниците-странци кои ќе пристигнуваат од Холандија, Малта, Андора и Грузија.
На бугарските државјани кои пристигнуваат од овие земји, како и на лицата со постојано жителство во нив и членовите на нивните семејства, дозволен ќе им биде влез во земјата само со негативен тест за Ковид-19, без разлика дали биле вакцинирани или не, се предвидува во новата наредба на бугарскиот министер за здравство.