Вакцинацијата против коронавирусот се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренската имунизација, соопштија здравствените власти, кои додаваат дека на вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера, се вакцинирани вкупно 467.822 граѓани.
Според сегашното темпо на имунизација, може да се очекува бројот на луѓе кои се имунизирани со барем една доза од вакцината, да надмине половина милион до крајот на оваа недела.
Прва доза вакцина вчера примиле 3.686 граѓани, а вкупно се вакцинирале 12.053. Во државата досега се аплицирани 760.961 доза од вакцините, а 293.139 граѓани ја примиле и втората доза, соопшти Министерството за здравство.
Со последните бројки, како што информираат од Министерството, 60 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 58 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 53 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 43 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
„Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба. Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, посочуваат од Министерството и апелираат граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот“, се додава во соопштението од Здравство.