Шефот на дипломатијата Бујар Османи оцени денеска дека „постојат сериозни прозорци на можност да се дојде до решение со Бугарија до крајот на годината“. Оцени и дека за да се дојде до решение од голема важност ќе биде и политичкиот контекст во Софија, односно дали ќе се формира влада или повторно ќе се оди на нови избори.
-Клучно ќе биде дали ќе има страна во Бугарија која ќе може да влезе во дијалог со нас во однос на овие прашања. Јас сум вечен оптимист, меѓутоа сметам дека има сериозни прозорци на можност до крајот на оваа година и сите се ангажирани. Прозорците се пред и по нашите избори, септември, октомври и декември, на кои ние таргетираме и мислиме дека постои шанса да се најде решение, но сакам да не се врзуваме со датуми поради тоа што општеството живее со тие рокови и со тие надежи и фрустрации на датуми и рокови, рече Османи.
Според Османи, очигледно е дека веќе ова прашање не зависи од нас и оти земјава ги исполни сите критериуми за започнување преговори и има јасно утврдени линии низ коишто не можеме се поминеме.
– Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивен партнер, да се обидеме да најдеме решение во рамки на позициите што ги има државата, но прашањето не е во наши раце, рече Османи.
Министерот посочи дека постои простор за решение, бидејќи веќе двете претходни претседателства со ЕУ, на Германија и на Португалија, успеаја да најдат решение коешто е прифатливо, и како што рече, само треба да има контекст којшто недостасува во моментов во Бугарија за да има постоење на институции, како и поголема политичка волја и ангажман да се дојде до решение.
-Многу е важно да се формираат институциите во Бугарија за да може да имаме дијалог којшто може да произведе резултати. Јас бев на ставот дека и техничка Влада може да испорача резултати, политичка одлука за преговори веќе имаме, но тоа се покажа дека во услови немање собрание и влада нема можност да се надмине ова прашање. И оттука клучно е дали од ова собрание коешто беше конституирано денеска ќе се произведат институции или Влада. Имав и состанок со заменик министерот за надворешни работи на Бугарија во рамки на конференцијата во Дубровник и разговаравме дека веднаш по конституирањето Влада ќе почнеме да комуницираме во однос на документот што се дефинира како патоказ. Формални разговори со бугарските претставници ќе се почнат во моментот кога ќе се формира новата Влада, иако имавме разговори и со техничката Влада, додаде Османи.
Потсети дека словенечкото претседателство продолжува активно со својот ангажман во рамки на претседателството за да се надмине ова решение, и оти тоа решение на претседателството е добра основа на која теба да се продолжат разговорите во наредниот период.
На новинарско прашање за падот на довербата во европскиот процес, Османи рече дека МНР спровело сериозна анкета кај граѓаните во контекс на нивните размислувања и по однос на прашањето со Бугарија, и во таа анкета над 80 проценти од граѓаните веруваат дека единствена алтернатива е ЕУ.