Почнува мултимедијалниот настан „Уметност, можност за реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци – поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов” што го организира филмската продукција „Дрим Фeктори“ од Скопје во соработка со здружението Центар за современа ликовна уметност – Прилеп.
Станува збор за проект поддржен од Владата на Република Северна Македонија преку Јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Северна Македонија. Со него е предвидена реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци – поетот и лингвист Блаже Конески и писателот романописец Стале Попов.
Проектот опфаќа изработка на два ѕидни мурала на уникатно избрани локации и две кратки докуметарни видеа за промоција и презентација на проектот, дејноста и делата на Блаже Конески и Стале Попов. Идејното решение и изведбата на муралите се на нашите познати академски ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго.
-Уличната уметност е се повеќе присутна околу нас, не само заради фактот дека крајниот производ претствавува зачудувачка форма на уметнички израз, тоа е патување што се случува на улиците каде создавал уметникот. Уметничките дела што се појавуваат на ѕидовите низ повеќе градови во светот достигнаа највисок врв на интерес и постигнаа автентичност и обележје на многу градови. Уличната уметност сега живее и во виртуелните заедници, виртуелните јавни дискурси и неодамна стана предмет на присвојување од популарната култура и главната симболика на современоста. Уличната уметност е одличен начин да се промовира една урбана средина, еден модерен град, но исто така одлична можност да се даде и нота на препознатливост и уникатност на самиот град, како и преку истата да се презентираат и реактуелизираат познати и признати дејци од нашата историја, велат од „Дрим Фeктори“.
Според нив, едно дело улична уметност може да го трансформира предметот на кој се појавува, но може да ја трансформира и целата локална заедница во која престојува.
-Ова е уникатен начин да се одбележи и главната цел 30 години независност на нашата држава. Реактуализацијата како процес обезбедува одржливост и континуитет на целокупното културно наследство, доколку се искористат медиуми и техники за модерно прикажување и заживување на лица, дела, настани. Еден од начините за реактуелизација на наши познати дејци од разни области, е токму и уличната уметност, нов начин на културно изразување и консумирање на културниот производ кој повторно ќе ги направи атрактивни и секако, разбирливи и достапни за новите генерации нашите големи истакнати имиња, додаваат од „Дрим Фeктори“.