Првата читална која ќе се отвори во центарот на Скопје ќе го носи името на писателот и академик Славко Јаневски.
Покрај оваа читална, општината Ценар планира да отвори уште 7 читални, кои ќе ги носат имињата на познати македонски писатели.
На утрешното отворање на читалната, покането е и семејството на Славко Јаневски, чии книги тешко можат да се најдат во книжарниците низ земјава.
Само по една или две книги од Славко Јаневски има во книжарниците „Просветно дело“ додека во „Или Или“, пак, веќе подолг период нема ниту едно дело за продажба од авторот на првиот македонски роман.
– Нема нови изданија од книгите на Јаневски. Имаше порано останато книги од старите изданија, но сега и тие се продадени, а не се реиздаваат, но не знам од која причина. И покрај лустирањето на Јаневски, да имам барем една негова книга, намерно би ја ставил на излог – изјави продавач од книжарницата „Или Или“.
Во книжарницата „Матица“ ја имаат единствено лектирата „Шеќерна приказна“, како и збирката „Сто без една песна“ од Светлана Христова Јоциќ, во чија книга е одделен еден дел за Јаневски. Додека во книжарницата на „Просветно дело“ се продаваат лектирите „Две Марии“ како и „Улица“. Како што напоменаа вработените во „Просветно дело“, овие книги се единствените кои подолго време ги имаат на продажба.
Реакциите за лустрираниот писател Славко Јаневски веќе неколку денови ја брануваат јавноста. Роза Топузовска – Каревска од општина Центар исто посочи дека делата на Јаневски подолго време ги немало во книжарниците. Каревска дошла до ова сознание откако општина Центар сакала да ја опреми првата читална што ќе го носи името на починатиот автор.
– За жал, освен „Шеќерна приказна“, во издавачките куќи не можеа да се најдат други дела од Јаневски. Се обратив до МАНУ, но и таму не располагаат со неговите дела, освен едно-две изданија и труд на академик Старделов посветен на творештвото на Јаневски – изјави Топузовска-Каровска.
Славко Јаневски веќе неколку дена ја бранува македонската јавност по лустрацијата од страна на Комисијата за верификација на фактите.
И покрај острите реакции од страна на МАНУ, Друштвото на писатели на Македонија, од интелектуалците дека со ваквата одлука директно се удира по македонското ткиво, Комисијата остана на својот став дека авторот на првиот македонски роман бил соработник на службите.
Петар Клинчарски