Струшкиот градоначалник Зијадин Села, за хаосот со безредието на струшките плажи директно го обвини министерството за транспорт и врски. Тој рече дека транспорт и врски имаат најголема одговорност за средување на ситуацијата таму.
„Концесиите на плажите се дадени вонзаконски од страна на министертвото за транспорт и врски.Во договорите стои потпис на министерот за транспорт и врски. И тие треба да го спроведат тој договор.
Не може да се дава под концесија плажа и да се стави шанк или објект, а да не е вцртан во деталниот урбанистички план објект. За тоа треба некој од министерството да одговара затоа зошто ги терале граѓаните да трошат пари“, вели Села.
„Проблемот со плажите е малку покомплициран. Чекам од министерството за транспорт и врски и од судската власт да превземат одговорност затоа што тие ги натераа граѓаните да инвестираат во плажите“, додава Села.
Села вели дека градските плажи треба да бидат слободни, додека под конесија да се дадат плажите кои се надвор од градот.
На барање на општината пред два дена покрај кејот на Црн Дрим беа урнати единаесет дивопоставени објекти помеѓу кои и оние на струшкиот бос Дилавер Бојку Леку.
Села вели ќе го почитува сето она што им го ветил на граѓаните бидејки како што вели не бил стопанственик за да тргува со гласачите.
Мики Трајковски