Дипломатските мисии во Авганистан, вклучувајќи ја и на САД, денеска, во заедничко соопштение ги повикаа талибанските милитанти под итно да ја прекинат актуелната воена офанзива во земјата, јави ДПА.
Во соопштението, потпишано меѓудругите и од делегацијата на ЕУ во оваа земја и Канцеларијата на Високиот цивилен претставник на НАТО, се наведува дека актуеланата офанзива на талибанците води кон цивилни жртви, раселување на луѓето и уништување на јавната инфраструктура низ целата земја.
„Офанзивата на талибанците е во директна спротивност со нивното тврдење за поддршка на решавање на конфликтот со преговори и на мировниот процес во Доха“, се додава во соопштението.
Дипломатските мисии, додава ДПА, исто така, ги осудуваат „веродостојните извештаи“ за обидите да се потиснат човековите права на жените и девојчињата и да се затворат приватните и јавните медиумски организации во обид да се сокријат нивните кршења на човековите права и да се намали слободата на изразување.
„Авганистанците постигнаа бројни придобивки во изминатите дваесет години и сакаат да продолжат да ги градат своите достигнувања во развојот, во човековите права и во слободата на говорот. Ние сакаме да нагласиме дека напредокот постигнат во изминатите години може да се одржи само доколку сите страни работат заедно. “
Соопштението доаѓа еден ден откако висока авганистанска делегација ги заврши дводневните средби со претставници на талибанците во Доха, Катар.
Мохамад Наим, портпарол на талибанците во Доха, по состанокот изјави дека страните се согласиле и во иднина да ги продолжат ваквите средби на високо ниво во обид да се најде политичко решение за конфликтот што е во тек.
Завојуваните страни, продолжи тој, исто така се согласија да спречат штета на јавната инфраструктура, пренесува ДПА.