Министерството за образование и наука преку соопштение демантира каква било поврзаност на фотографиите и содржини кои деновиве кружат на социјалните мрежи, со сеопфатното сексуално образование.
-Лажните вести и монтажи по социјалните мрежи се интензивираат со цел заплашување и лажење на граѓаните. Граѓаните да бидат спокојни, образованието се унапредува и реформира. Сите информации кои деновиве се шират поврзани со сексуалното образование, како оваа, се целосно лажни и апелираме граѓаните да не наседнуват, стои во соопштението од МОН.
Како што многу пати извести Бирото за развој на образованието, сексуално образование воопшто не се воведува.
-Од следната година се планира само пилот проект во четири паралелки од деветто одделение во четири основни училишта. Никакви содржини ниту програми не се предвидени во новите содржини и учебници за прво и четврто одделение како што се обидуваат одредени групи на социјалните мрежи да ја замајуваат јавноста. Родителите да бидат смирени, се што работиме е максимално транспарентно и во најдобар интерес на децата. Апелираме да се следат официјалните канали на МОН и БРО со цел учениците, наставниците и родителите да се заштитат од ваквите манипулации кои, за жал, се почесто ќе ги гледаме, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука.